Загадена водата за пиење и на Пелистер

0
1361

Ако деновиве прибежиште од летните горештини побарате во убавините на НП Пелистер, понесете си и вода за пиење. Во екот на туристичката сезона вода за пиење нема, бидејќи не е бактериолошки исправна, така покажале анализите на Центарот за јавно здравје од Битола. На чешмите на Голема Ливада, Бегова Чешма и други локации истакнати се написи дека водата е забранета за пиење, јави телевизија Тера.

Анализите на Центарот за јавно здравје на планинските води на Пелистер покажале 9 проценти хемиска и 77 проценти бактериолошка неисправност.

Ова не е прв пат. На Пелистер често може да се видат табли со предупредување од Националниот парк дека водата не е за пиење, а анализите од Центарот за јавно здравје често покажуваат бактериолошка неисправност. На Пелистер нема канализација, а септичките јами се стари повеќе децении и ја губат својата функционалност, а отпадните води ги загадуваат бистрите планински водотеци и извори.