Жарко Стеваноски со интересен концепт пред прилепчани : Ќе градиме инфраструктура според потребите на граѓаните

0
1684

По теркот на криминалниот проект „Скопје 2014“ кој нашата држава ја чинеше преку 700 милиони евра, во изминатите 5 години и прилепската локална власт на крајно нетранспарентен начин потроши 4 милиони евра создавајќи го мини проектот „Прилеп 2014“. Најдобра потврда за недомаќинското и незаконито трошење на парите на прилепчани е фактот дека во 2016 година Министерството за култура го казни градоначалникот Ристески за незаконската изградба на споменици и спомен обележја на подрачјето на Општина Прилеп.

За време на трите мандати на градоначалникот Марјан Ристески, бевме сведоци на целосно нелогични, нестручни и скапи зафати од страна на локалните власти во делот на патната инфраструктура. Се асфалтираа улици кои подоцна беа прекопувани поради непромисленоста во преземање на претходните чекори (канализациони/водоводни/електро и телекомуникациски зафати) пред нивно асфалтирање, што резултираше со затворени и раскопани улици, пренасочен сообраќај, нечистотија од градежните зафати и конечно двојни/тројни трошоци за еден ист зафат.

Локалните власти го претворија урбаното планирање во техничка служба за цртање планови, немаа визија да финансираат во обновливите извори на енергија, не инвестираа во проекти за енергетска ефикасност и заштеда на енергија, ниту пак покажаа иницијатива на било кој начин да се вклучат во капиталните државни проекти за изградба на ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“.

Недозволиво е во 21 век голем дел од руралните средини да немаат чиста и здрава вода за пиење, со што се загрозува животот и здравјето на граѓаните. Изградбата на системи за водоснабдување, осветлување и реконструкција на локалните патишта кои населените места ги поврзуваат со Прилеп се сведоа само на ветувања пред секои избори.

Изградбата на инфраструктурата не смее да биде желба на поединци, туку долгорочна стратегија според потребите на граѓаните. За таа цел, новата локална власт ќе оствари соработка со Владата на Република Македонија и ќе работи проекти кои ќе бидат финансирани од европските фондови.

Во таа насока, комплетната реконструкција на главните градски сообраќајници и на локалните и регионалните патишта, изработка на стратегија и проект за гасификација на Прилеп, покренување иницијатива до Владата за отворање нов граничен премин кон Грција во месноста Пуљевац, Мариово, уредување на традиционалните излетнички места во близина на градот, изградба на современа депонија за комунален и неопасен индустриски отпад, имплементација на проекти во населените места кои се однесуваат пред сѐ на обезбедување здрава вода за пиење и изградба на канализациони системи за отпадни и атмосферски води, се само дел од проектите кои ќе бидат врвен приоритет на градоначалникот и Советот на Општина Прилеп, на општинската администрација и јавните претпријатија.

Со почит,
Жарко Стеваноски