ЖАРКО ЗА ПРИЛЕП – „НАЈДОБРОТО ЗА ПРИЛЕП“

0
2598
Почитувани,
Изборната Програма „НАЈДОБРОТО ЗА ПРИЛЕП“ се базира на потребите на граѓаните од промени во севкупниот амбиент кој преовладува во Прилеп во изминатите години, потребите од промени во начинот на функционирање на јавните установи, стопанскиот и невладиниот сектор, како и животот на граѓаните во Општина Прилеп воопшто.
Програмата е одраз на реалните можности на Општина Прилеп да ги реализира проектите предвидени со оваа Програма, а истовремено да ги заврши веќе започнатите проекти. Таа е резултат на извршените анализи на буџетите на Општината во периодот од 2010-2016 година, односно нивната приходна и расходна страна. Истовремено, Програмата е во целост компактна со генералната Програма на СДСМ во сите сегменти кои таа ги предвидува.
Во таа насока, основните цели на Програмата се следните:
· Во првите 6 месеци ќе се изврши ревизија на сите проекти на Единицата на локална самоуправа (ЕЛС) Општина Прилеп и на општинските јавни претпријатија реализирани во последните 5 години;
· Експедитивно и точно утврдување на финансиската состојба со цел да се изврши класификација на субјектите и проектите во кои ќе се утврди злоупотреба на општински или државни буџетски средства и странски фондови, со цел да се процесуираат соодветни постапки против одговорните лица;
· Покренување иницијатива пред органите на локалната самоуправа и институциите под надлежност на Општината, пред подрачните единици на министерствата, стопанскиот и невладиниот сектор, со цел нивно вклучување во анализата на проектите содржани во оваа Програма и отпочнување на нивна имплементација во првата година од мандатот;
· Воведување нова пракса на транспарентност и отчетност во работата на градоначалникот и општинскиот Совет, како и вклучување на облиците на непосредно учество на граѓаните во процесот на одлучување;
· Урбанистичко планирање, уредување на просторот и градежното земјиште преку подготовка на стратегија за просторен развој;
· Имплементирање на мерки за заштита на животната средина и спречување од загадување на воздухот, водата и почвата;
· Разработка и реална имплементација на донесената стратегија за локален економски развој (ЛЕР), воспоставување нови принципи на водење на локални економски политики кои ќе бидат насочени кон поддршка и развој на малите и средни претпријатија и на претприемништвото на локално ниво;
· Изготвување стратегија за менаџирање на комуналните дејности и воспоставување географски информациски систем (ГИС) во делот на снабдувањето со вода за пиење, испораката на технолошка вода, одведувањето и пречистувањето на отпадните и третманот на атмосферските води;
· Заштита на културно историските знаменитости, спомениците и спомен обележјата кои локалната власт ги запостави, негување на фолклорот, обичаите и старите занаети, поттикнување на разновидни специфични форми на творештво;
· Континуитет во инвестирањето во спортот и рекреацијата, развој на масовниот спорт, создавање можности спортските здруженија рамноправно да се натпреваруваат за искористување на општинските буџетски средства, финансиска помош за истакнати спортисти во насока на вреднување на нивните резултати и промоција на Општината во меѓународни рамки;
· Посветување особено внимание на децата и старите лица, остварување социјална грижа за инвалидните лица, децата без родители, децата со посебни потреби и еднородителски семејства, лицата засегнати со злоупотреба на дрога и алкохол и, во соработка со НВО секторот, нивно активно вклучување во проекти кои ќе им овозможат соодветно згрижување во рамките на локалната самоуправа;
· Создавање услови за воспоставување систем за квалитетно државно образование преку примена на успешен европски модел и имплементирање нови практики, како и воведување поволности околу организацијата на превозот, исхраната на учениците и нивно сместување во ученички и студентски домови;
· Јавно здравство достапно за сите, воведување бесплатно болничко лекување за сите граѓани, укинување на партиципацијата и подобрување на инфраструктурата во мрежата на јавни здравствени установи и објекти од примарната здравствена заштита;
· Ефективна примена на мерките за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра од елементарни непогоди, заложби и кампања за враќање на ингеренциите на МВР ПС Прилеп како Сектор на Министерството за внатрешни работи.
Посочените цели, односно точки од Програмата „НАЈДОБРОТО ЗА ПРИЛЕП“ се само дел од мојата визија за прогрес на нашиот град и подобар живот на граѓаните на Општина Прилеп. Конкретните предлози и идеи кои се однесуваат на сите сегменти од нашето живеење ќе бидат детално елаборирани пред секој жител на нашата Општина согласно утврдената динамика и почетокот на изборната кампања.
Со почит,
Жарко Стеваноски
ЛИНКОТ ДО ФАН ПЕЈЏОТ НА ЖАРКО СТЕВАНОСКИ МОЖЕ ДА ГО НАЈДЕТЕ ОВДЕ