Е У објави како на Македонија и се дадени 50 милиони евра за бегалците

0
1105

Европската комисија денеска посочи дека на Република Македонија, како земја што не е членка на Европската унија ѝ се доделени 50 милиони евра помош од Унијата за справување со бегалската криза, притоа во детали образложувајќи како, за што и кому се доделени овие средства, пренесе МИА од Брисел.

Ова детално образложение доаѓа како одговор на изјавата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов дека ЕУ не доделила ниту цент помош за Македонија во однос на проблемот со бегалците.

– Целокупната поддршка за ПЈР Македонија за активностите поврзани со миграцијата и менаџирање на азилантските барања и граничното управување, како во минатото, така и според планираното – изнесува речиси 50 милиони евра. Овие средства се наменети за реновирање на полициските станици на границите, борба против трговијата со луѓе и зајакнување на капацитетите на полицијата за гранично управување – наведуваат од Европската комисија.

Според неформалната Влада на ЕУ, натамошна финансиска поддршка од ЕУ се планира за Македонија со цел да ѝ се помогне во спроведувањето на миграциската политика преку голем број различни активности, вклучително и преку подобрување на инфраструктурата, опрема и компјутерска поддршка за правилно функционирање на државната политика за азил и миграција. Овие средства се и за зајакнување на функционирањето на визната политика, борбата против трговијата со луѓе и поддршка на жртвите против трговијата со луѓе и насилство, како и за подобрување на условите во полициските станици и зајакнување на капацитетите за обука и образование во областа на внатрешните работи.

– Особено од почетокот на бегалската криза во летото 2015 година, 16 милиони евра, од кои 10 милиони евра во февруари се распределени за да ѝ се помогне на ПЈР Македонија да ги подобри своите системи за гранично и миграциско управување во контекст на бегалската криза. Ова вклучува систематски гранични проверки и граничен надзор, идентификација и регистрација на државјани на трети земји што ја преминуваат границата на регуларен и нерегуларен начин и борба и спречување на шверц на мигранти, трговија со луѓе и прекуграничент криминал со целосно почитување на владеењето на правото и основните права -наведуваат од Еврокомисијата.

– Вкупната хуманитарна помош на ЕУ за земјите од Западен Балкан во контекст на бегалската криза изнесува 21,74 милиони евра. Ова вклучува 13 милиони евра објавени на 10 декември 2015 година, од кои 2,5 милиони евра за УНХЦР и дополнителни три милиони евра што ќе бидат договорени пред 15 март за испорака на привремено засолниште, топол оброк и други предмети и услуги за заштита на бегалците и мигрантите во движење или оние што се заглавени. Досега, од 21,74 милиони евра, веќе се доделени 11.24 милиони евра од кои осум милиони евра за Србија и 3,1 милиони евра за ПЈР Македонија – наведуваат од Европската комисија.

Во Комисијата потенцираат дека финансирањето се канализира преку клучни хуманитарни партнерски организации и агенции на Обединетите нации, како што се УНИЦЕФ и УНХЦР, а кои, според официјален Брисел се активни во овие земји. Притоа, има посебен фокус за поддршка на најранливите во текот на зимскиот период.

Во почетокот на оваа година мандатот на регионален фонд на ЕУ, како одговор на кризата во Сирија е проширен за да може да работи и во Западниот Балкан. Овој Фонд, според Европската комисија сега може да им помогне на властите во земјите од Западен Балкан за одговор на еластичноста од потребите за мигрантите или бегалците на територијата на овие држави.

– Овој Фонд има за цел да донесе повеќе кохерентен и интегриран одговор на ЕУ во однос на кризата со спојување на различни финансиски инструменти и придонесот од земјите-членки на ЕУ и од други донатори во еден единствен флексибилен и брз механизам. Ова е за решавање на подолг рок на еластичните потребите главно за бегалците од Сирија, како и како заедниците-домаќини и нивните администрации – потенцираат од Еврокомисијата.
Во однос на тоа каде одат парите што ЕУ ги наменува како помош за Македонија и другите не-ЕУ земји, портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич вели:

– Мора сите да бидат свесни за една важна работа, а тоа е дека правилата за тоа како ние ги користиме парите на даночните обврзници се многу строги. Ние само не ги ставаме парите на ЕУ на владините банкарски сметки. Ние ги поддржуваме или обезбедуваме фонд со опрема за активностите врз основа на идентификуваните потреби.