Ех тој Државен таен обвинител

0
1504

Јавното обвинителство со децении наназад, веројатно е најинертната институција во државата, за што вината не лежи само во јавните обвинители, туку и во низата тајни обвинители кои со години наназад, секоја политичка гарнитура на власт ги имала и ги влечеа конците во оваа инстинституција.

Со новиот Закон за кривичната постапка, Обвинителството доби централна улога во водењето на истрагата, во поднесувањето на обвинителни акти, дури и во скратувањето на постапката пред судовите, со можноста да се договора казната со странките во постапката, а во таа насока и полицијата ја позиционира како алатка во рацете на обвинителството. Да, правната рамка ја има, арно ама има една народна поговорка која вели волкот ги менува влакната, но не и карактерот.

Така, во стилот на народната поговорка продолжи да си функционира Јавното Обвинителство. Ако донесениот закон е јасно изразена политичка воља, пред се на парламентарното мнозинството, тогаш останува нејасно зошто до денес не е конституиран ниту еден истражен центар со правосудна полиција во него; зошто се уште објектите на обвинителствата се неугледни, неопремени и далеку под стандардите што ги имаат судовите; зошто обвинителството кубури со основни средства за работа, заради што не по нивна вина, многу често, наместо тие да излезат на лице место и да извршат увид, тоа по нивно овластување го врши полицијата.

Одговори можеби има повеќе, но еден е најлогичен, особено ако се имаат предвид случувањата во и околу Обвинителството и секако слушнатото од “монтираните, сечените и лепени” разговори на фамилијата, а тоа е дека пред Брисел глумиме европска држава, а дома на владеачкиот клан му одговара Република Македонија да остане турска касаба, во која тајниот обвинител кажува кој за што е виновен, кој што намера имал, тој ги открива мотивите, со негов изим се пуштаат на јутјуб снимки од ПИМ, а оној официјалниот Републички јаден, пардон јавен обвинител, е само негов гласноговорник. Зарем има некој што се сомнева во тоа дека тајниот обвинител побарал од Републичкиот јавен обвинител да предупреди и забрани да не се објавуваат “бомбите” на опозицијата во медиумите?

Зарем има некој што се сомнева дека случајот “пуч” (иако по дефиниција пуч подразбира нешто сосема друго од тоа што тајниот обвинител го доживеал како личен стрес), некој нормален јавен обвинител би го третирал како предмет (?!), па што е работата на опозицијата ако не соборување на позицијата од власт со демократски средства. Велам со демократски средства, бидејќи никој од опозицијата не спомнал насилно рушење на власта, туку на мегдан на предвремени парламентарни, фер и демократски избори, без тргање за уши, без носење од дома на некакви човечиња, без земање рекет во законски рок (?!), без заглавување на лифтови и што уште не?!

Дојде извештајот на господинот Прибе, исклучителен европски авторитет, кој ги дијагностицираше сите болести на нашава држава. Корупција, криминал, партизирани институции, партизирано судство и секако партизирано обвинителство. Со еден збор, Прибе дијагностицира систем кој е во клиничка смрт, систем кој вегетира заради фамилијарната метастаза која ги има зафатено сите сегменти на системот. Излезното решение го видоа во бајпасирање на клинички мртвиот систем, со донесување на закон за специјално јавно обвинителство кое треба да расчисти со криминалот и корупцијата на метастазираната фамилија која стигнала во сите пори на општеството. Тоа се случи, се избра и специјален јавен обвинител.

Некои го оспоруваа, некои го охрабруваа, но види мајката, сега тајниот обвинител се сетил дека ние имаме Устав, кој немилосрдно до вчера го газеше, и следи нарачката, која ни ја испорача Републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски, со неговите обвинители од фамилијата, да го оспорат Законот за специјално јавно обвинителство, демек сега се сетија дека им требаат услови за работа, им требаат и повисоки плати и во крајна линија, самиот Закон е спротивен на Уставот и правниот поредок во земјава. Каде бевте до сега господине Зврлевски, или тајниот обвинител, ве има за маша, преку која треба да го спасува сопствениот задник?

Дали знаете господине Зврлевски дека вие како гласноговорник на тајниот обвинител ја минирате и последната надеж на граѓаните кои сакаат да живеат во нормална држава, во држава во кое ќе владее правото подеднакво за сите, а не во болна држава со обвинители и судии по мерка на фамилијата и особено на тајниот обвинител…не, нема да ве прашам каде ќе ви оди душата, ќе ве прашам како ќе излезете на улица и ќе се справите ли со презирот од граѓаните кој е повеќе од очигледен?!

Пишува : Воислав Зафировски, екс висок функционер во МВР