ЕРОЛ РИЗАОВ: Со ефтина УНГАРСКО-ИТАЛИЈАНСКА шпагети продукција, земјава по втор пат ја ослободуваат тие што ја заробија по прв пат!

0
1684

Италијанска „Ла верита“, српски „Kурир“ и домашните стари првоборци за слобода и нови курири ја враќаат демократијата во Македонија. Тие се најсилната артилерија и логистика на водачите на востанието за најновото ослободување на заробената држава, која по вторпат ја ослободуваат тие што ја заробија по првпат. Кутра Македонија, ќе бидат цели три децении како е независна и самостојна, а постојано ја заробуваат и ослободуваат истите поробувачи и спасители. Од 29 години независност, едните владееја 15, другите 12 години, а двете партии со своите партнери уште две години заедно. На кого како му се стемнило или разденило, така си ги есапи слободата и демократијата. Македонскиот аршин многу едноставно го одредува нивото на слобода и демократија според тоа кога ти е поарно, кога се на власт нашите или вашите.

Мора да се признае, најсилниот евидентен и досега несоборлив доказ е дека вторите ослободители на заробената држава се многу поголеми јунаци од првите. На нив им беа потребни само две години за да ја спасат земјата од полициски прогони на политички противници и од криминалци. Ги бидува, нема што, се покажаа како поголеми меѓународни хохштаплери од домашните локални џепароши. Додека на првите им требаше цели 11 години да нè ослободат од режимот и ограбувачите на државата и граѓаните, овие вторите, кои си го знаат занаетот, тоа го направија експресно. Со евтина македонско-унгарско-италијанска копродукција и сценарио снимаат секојдневен филмски серијал, шприцер од боза и лимонада, за подвизите на Боки Тредичи. Притоа, сè уште не може добро да се види од Боки главното откритие на спасителите од режимот на Зоран Заев и СДСМ. Па, и не треба да се види, во тоа е поентата, тоа што не се гледа во Македонија се гледа во земјите на ЕУ и во Брисел.

Големиот подвиг на „Ла верита“ е во суштина заложба за враќање на режимот на Никола Груевски, со или без него, сеедно, но и поддршка на авторитарните крајно десничарски режими не само во Македонија, туку и во цела Европа. Малку кој во земјата ги прочита и ги разбра пораките на европските патриоти кои овој весник верно и силно ги застапува. Така уште во првата бомба на „Ла верита“, главниот штаб, сместен во фашистичкиот бункер на десницата, го зададе силниот удар за заштита од наездата на исламистите кои ја уриваат и обезличуваат Европа со непречен влез на емигрантите преку Македонија. Епохалното откритие на „Ла верита“ е дека Зоран Заев е близок со исламистите кој со помош на Ангела Меркел и Џорџ Сорос и нивните агенти и домашни странски платеници, инсталирани во невладините организации и во медиумите, го срушија демократскиот поредок на Никола Груевски, кој цврсто ја чуваше Европа од наездата на муслиманските емигранти. Брисел, Могерини, Меркел и Сорос затоа ги срушиле Груевски и демократијата во Македонија, за да го донесат Заев на власт за да го потпише предавничкиот договор со Грција и да ја обезличи Македонија. Ова е дозирано со затскриени пораки во „Ла верита“, но со јасни алузии дека претходните власти во Македонија се урнати со помош на меѓународен заговор на проевропската левица и умерена десница и се разбира, Америка.

Ме зачудува што луѓето, кои крв проплукаа како набедени соросоиди и странски платеници, со своето не само молчење туку и директно учество во најновата офанзива на ВМРО-ДПМНЕ ја прифаќаат лагата на италијанскиот весник, па испаѓа дека навистина тие ја срушиле демократската власт на Никола Груевски по нарачка. Или пак им треба уште извесно време да се освестат и да откријат дека, всушност, се работи за специјална војна за враќање на режимот, кој авторитарните политичари го нарекуваат демократија. Една корупциска афера каква што е „Рекет“, пријавена на надлежните институции лично од премиерот Зоран Заев, добива чудовишни политички димензии да се урне тој што ја пријавил, како конечен пораз на правната држава и владеење на правото. Кога се попречуваат тие што го откриваат криминалот, тогаш важат само законите на мафијата.

На Заев не може да му се прости влезот на Македонија во НАТО, уште помалку може да му се прости Преспанскиот договор со Грција, уште помалку договорот со Бугарија за добрососедство, а најмалку може да му се прости довчерашната извесност за почнување на преговорите со ЕУ. Паралелно со аферата „Рекет“, одат и активностите на сателитите на ВМРО-ДПМНЕ како што е Семакедонскиот конгрес каде што се бара поништување на сите договори, и на Преспанскиот, и на Договорот со Бугарија. Бидејќи на Христијан Мицкоски не му е ни на крај памет нешто да поништува или што било да менува од тоа што е договорено, него го интересира само враќање на власта и ослободување на невино обвинетите и прогонетите од врвот на партијата, а оваа валкана популистичка работа ја препушта на маргиналните вмровски парапартиски структури кои се активираат редовно во вакви ситуации.

Идејата е со аферата „Рекет“ да се анулираат и одолговлекуваат судските предмети за тешки кривични дела кои се во тек, но и тие кои се подготвени од СЈО. „Рекет“ е подарокот што не успеаја да го остварат во спасување на врвот на ВМРО- ДПМНЕ, ни премиерот Никола Груевски, ни претседателот на државата Ѓорге Иванов, ни претседателот на парламентот Трајко Вељановски, ни обидот за државен удар на 27 април, ни јавниот обвинител Марко Зврлевски со соработниците јавни обвинители, ни Судскиот совет, ни сваровски-судиите, ни Врховниот суд на чело со Јово Вангеловски. Сите тие обиди за оневозможување на работата и гаснење на СЈО завршија безуспешно, иако одолговлекувањето беше класичен пример со груби притисоци да се попречува правдата. Ете, тоа што не можеа да го постигнат мрачните сили соочени со стравотниот бунт на јавноста да победи правдата, го направија маргинални фигури со корупциска афера тешка милион и пол евра кои треба да го поклопат сиот грабеж од повеќе милијарди евра, да го покријат крвопролевањето на 27 април, да го покријат најголемото прекршување на човековите права и слободи во Македонија со прислушување на над 20 илјади граѓани, јавни личности, да ги покријат злоделата на еднодеценискиот режим, најмрачниот период во историјата на независна Македонија и да ги ослободат од одговорност и казни носителите на овие злосторства.

Ова јасно укажува на сериозноста и одговорноста на пристапот на институциите на системот и комплетното судство кон брзо расчистување не само на инволвираните во аферата, туку и на сите што се огрешиле од законите и за кои има докази дека се носители на организираниот криминал и високата корупција. Не случајно од сите страни, и од ЕУ и од Америка доаѓаат јасни пораки, последните на помошник заменикот на државниот секретар на САД, Метју Палмер и на еврокомесарот Јоханес Хан, дека се неопходни брза и сериозна истрага и расчистување во судска постапка со аферата „Рекет“. Но, истовремена е и пораката СЈО да продолжи непречено со работа. Влогот во иднината на Македонија со отпочнување на преговорите со ЕУ е многу поголем од чија било лична судбина. Секое одолговлекување на расчистување на аферата е минирање на иднината на Македонија.

(Објавено во Независен весник)