ЕПА НАРОДЕ ЕВЕ ШТО ЌЕ СЛЕДИ ЗА КАРНЕВАЛОТ ,,ПРОЧКА – 2018″ ВО ПРИЛЕП

0
2585

Привршуваат подготовките за меѓународниот карневал „Прочка 2018“, којшто  годинава го има своето 17 издание. Околу 1000 учесници и гости од повеќе држави ќе бидат дел од овој костимиран спектакл. Во официјалниот напреварувачки дел ќе учествуваат групи од: Македонија, Будва, Бања Ковиљача, Врњачка Бања, Лесковац, Белград, Бол, Шабац, Бела Црква,Корча, Перник, Мокриево, Куратица, Бегниште, Кавадарци, Ратево, Струмица, Радовиш …

Како увертира на карневалот е изложбата на маски, што ќе се постави во центарот за култура „Марко Цепенков“ на 16. февруари во петок.  Детскиот карневал за учесници до 14 години ќе се одржи на 17 февруари во сабота. Во подготовките учествуваат сите основни училишта од Прилеп, со свои групни маски, со автентична кореографија.

На 18. февруари во недела, во центарот на градот ќе се одржи официјалниот натпреварувачки дел од карневалот, со почеток во 13:00ч. Учесниците ќе имаат свој настап пред бројната публика,но и жири комисијата, која што ќе ги избере најдобрите учесници по категории,коишто ќе добијат парични награди и дипломи од здружението „Прилепски мечкари“. Добитникот на Гран при наградата ќе добие парична награда од 18.000 денари.

Карневалот ќе го следи делегација на Европската федерација на карневалски градови, во присуство на претседателот Ван Дер Крон. На овој меѓународен маскенбал ќе присуствуваат и многу екипи од европски карневалски градови.

За сите официјални гости карневалската забава под маски, продолжува вечерта во 21:00ч. во ресторанот на хотел „Липа“.

Карневалот всушност се одржува ден, пред почетокот на велигденските пости во православната христијанска вера. Оттука и традицијата негувана со децении е вградена во овој туристички настан. Така на првиот ден по „Прочка“ поточно верскиот празник „Проштени поклади“, во понеделникот во манастирот „Свети Ѓорѓија“, здружението „Прилепски мечкари“ организираат ручек со посен грав.

Во прилепската традиција се негуваат сè уште семејните вечери на „Проштени поклади“, кога младите одат на гости и бараат прошка од повозрасните.

А, маскирањето на „Проштени поклади“ и пред Прилеп да ја добие титулата „карневалски град“ има своја богата традиција на овие простори. Речиси сите дечиња се подготуваат за овој ден, родителите им шијат облеки,купуваат маски, имаат посебен мејк – ап, подготвуваат перформански за одредени ликови од приказните, од филмовите… Кон оваа традиција сè повеќе се приклучуваа и возрасните. Така што денес „Прочка“ е всушност празнување во градот, кое што има своја туристичка димензија. Освен гостите од бројни држави коишто се учесници на карневалското случување, за овој ден Прилеп, го посетуваат и многу граѓани од други градови во државата.

Затоа сите љубители на маскенбалите повелете во Прилеп на 18. февруари заедно да се забавуваме на „Прочка2018“.