Емилија Лазаревска: Начинот на кој Атанас Кировски се ослободи од непожелните е погубен за целото македонско новинарство!

0
2474

Почитувани и непочитувани

Сакам да ве замолам, и едните и другите, да не дозволите да ве понижуваат и да престанете да понижувате! Што е човекот, ако не си го сочува достоинството, интегритетот, личен и професионален, па и во моменти кога тоа се чини невозможно или многу тешко и кога мора да се направат и многу лични саможртвувања и ризични чекори? Штетата што им се нанесува последните две години во Телма на плејада искусни и професионални новинари, по доаѓањето на Атанас Кировски на директорското место, е огромна. Но, начинот на кој се ослободув сега тој од непожелните,е погубен за целото македонско новинарство и тврдам,е последниот удар врз професионалниот журнализам. Како поинаку да се толкува огласувањето на табла за технолошки вишок на 10 новинари и уште двајца долгогодишни работници на телевизијата? Што има технолошко во новинарската работа, и каде е вишокот ако на седумина од нив се уште почиваат вестите. Останатите тројца, не по наша вина, сме отстранети од работниот процес веќе две години!

Сакам јасно и гласно да прашам, кој ве асоцира на Телма-Панта Џамбазоски, Соња Николовска, Јулијана Пешевска, Виолета Зајкова,Влатко Змејковски,Томислав Османли, Бранка Костиќ Марковиќ, Тања Трајковска, Сотир Трајков,па и потписникот на овие редови, или Лупевска, Чомовски, Христов,Дивитарова… па и актуелниот директор на телевизијата. Не случајно го поставувам ова прашање, затоа што начинот на кој беше пристапено кон расчистување со старите кадри и минатото на телевизијата,небаре сме секташка организација,очигледно не ги даде ,за некого,очекуваните резултати. Напротив,направи раздор меѓу луѓето,нестабилност во уредувачката политика,различен приод кон информациите ,во зависност од способноста и личното убедување на поединци , се на се губење на препознатливиот идентитет на телевизијата,што го негуваше од своето постоење. Бркањето рејтинзи во услови на дерогирани критериуми за квалитет, е битка со ветерници,бидејќи никогаш не можете да ја постигнете ,,славата,, на пропагандистите и на турските серии. Ако не ви е јасно дека единственото оружје што го имате како новинари во рака е точната,објективна и професионално направената информација ,а не неутралноста и балансираноста,тогаш треба да си знаете дека никогаш нема да можете да ја достигнете довербата на вестите што ви ги оставивме во наследство.

Доверба пак , и авторитет меѓу луѓето не се прави со сеење омраза,лаги,понижување ,потценување,деградирање,измислување,подметнивање за едните,и непринципиелна поддршка и величење на другите. Нашите заменски новинари,сега се во улога на истите такви што беа донесени пред неколку години во Алфа.

Затоа ,никогаш нема да прифатам преговори за моето место во новинарството,а уште помалку за тоа да бидам репортер почетник,па ако сакате и уредник на таков начин. Местото во новинарството се заслужува единствено со личен труд и квалитет,ако не сте го знаеле тоа. Јас не дојдов ниту како Одговорен уредник ниту како директор во Телма,туку како новинар на второ скалило во кариерноста. Унапредувањето во Одговорен уредник следуваше дури по пет години работа во Телма ,и уште 12 во МТВ,а бодовите и платата ми растеа низ 13 долги години ,,уредникување,, за што сведочат сите нови решенија што стојат се уште во архивата на телевизијата. Затоа,не ги третирајте колегите како бројче,до кое доаѓаат преку закажување за средба со директорот,принудувајќи ги да прифатат нешто за што не се преговара и кое го одработиле изминатите години кариера. Не сте биле дел од нивните кариери и животи,затоа немате право да бидете дел и од нивната иднина.

И на вас и на вашите подржувачи од ММА ви докажав преку судски пат дека законите важат и за приватните телевизии или фирми,организации во Македонија ,како и за сите други. Не можете да правите што сакате и да немате никаква одговорност за тоа. Бројни се примерите за омаловажувањата и мобингот што ги трпиме,но за тоа во друга прилика.

Сега,повлечете се,отстапете од намерата да отпуштате новинари без никаква причина, бидејќи доживотно ќе го носите петното кое е веќе прилично црно.

Парите што ги потрошивте како инвестиција,не можете да ги прикажете како загуба,а загубата што ја книжите и е единствено ваша одговорност,не е оправдување за новинарскиот масакар во Телма,како што веќе доби епитет ова лудило во некои медиуми.

Ве портретираа како спасител на Телма од канџите на авторитарната партија на власт,но вие сте на добар пат да станете нејзиниот погребник!

Фејсбук статус на Емилија Лазаревска