Екс шефот на УБК, Горан Митевски: Катастрофално е што дури сега дознаваме дека опремата е уништена

0
2724

Катастрофално е што дури денеска дознаваме дека е уништена опрема за прислушување во МВР, вели за Стандард поранешниот шеф на УБК, Горан Митевски, по објавување на случајот „Тврдина“ од страна на Специјалното обвинителство.

Во случајот „Тврдина има пет осомничени кои се товарат за злоупотреба на службената положба и фалсификување на исправи. Првоосомничен е началникот на петтата управа во МВР, Горан Груевски, а третоосомничена е поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

„Овој случај беше очекуван и јас во неколку наврати споменав во медиуми дека е прислушувано со опремата од МВР. Не постои можност за сечење лепење и монтирање на разговори. Очекувам да не му биде одреден притвор на првоосомничениот, што дополнително ќе го доведе во прашање целиот правен систем“, вели Митевски за Стандард.мк.

Со вештачење на опремата, според него, ќе се видеше капацитетот на разговорите кои се дневно снимени. СЈО всушност, според него, покажа како требаше да дејствува обвинителот Марко Зврлевски.

„Нејасно е како собраниската комисија нема податок дека опремата цела година е уништена, како собранието го прикриваше овој момент. Комисијата се пофали дека била, разговарала неколку часа, не е класифицирано прашање дали опрема е уништена. Катастрофално е што денеска дознаваме. Имаме промена на министер, кој е од редовите на опозицијата веќе шест месеци. Многу луѓе прикриле информации кои не требало да ги прикријат“, вели тој.

Според Митевски, нејасно е како обвинителката нема можност да објави каква е опремата која е уништена.

Периодот на уништување на системите за прислушување се поклопува со објавување на „бомбите“.