Еден притвор – и режимот се распаѓа

0
1181

Велат дека Миле Јанакиески бил експлицитен со Никола Груевски: „Во првиот саат од притворот – сé ќе кажам!“ Фер. На тоа, Гордана само лапнала уште едно апче за смирување, а оној, другион, додал уште една бела цртка за шмркање на масата. Нивниот адвокат, во ноќните саати во судот, кога се одвиваше испрашувањето на речените по барањето на СЈО за притвор заради, за почеток, злосторничкото здружување за местење на избори, наводно, само го ставил својот мобилен на масата на судиката, со отворена линија кон Груевски, за тој, лично, да слуша како се одвива распитот.

Останатото е историја – додуша мала, тековна, а и срамна по судството.

Не е ни важно дали баш сите деталји од оваа приказна се 100% точни. Важно е дека делуваат сосема уверливо и можно, бидејќи на сите им е јасно дека со првото заминување на некој од функционерите на Груевски во притвор – отиде целата Империја на Злото во канализација! Ќе се распаднат како барокна кула од песок, како пејачко друштво од епидемија на бронхитис, како кинески ресторан без ориз. Колку што слушам, судии сами ќе се пријавуваат да седат по кривичните совети за да им поделат правда на нивните досегашни политички тутори, а ви тврдам дека и Марко Зврлевски, како селско попче со обесени мустачиња, ќе покрене обвинение против вмешаните во случајот „Маѓар Телеком“ пред тој скандал правно да застари, во мај годинава. И Марко ќе се обиде да спасува што може да спаси, во последен час. Иако, за него, објективно, сите часови се веќе отчукани.

Затоа „Битката за притвор“ на бандата на власт е како Битката на Неретва за спас на македонската демократија, како сојузничкото истоварување во Нормандија за опстанок на правната македонска држава!

НЕ КОГА, ТУКУ КОЈ НА ИЗБОРИ?

Во ВМРО-то се сосема свесни за брзината на распадот што ќе ги снајде после активирањето на притворите. Во напор за „јакнење на духот и партиското тело“, превземена е цела палета на контра-мерки за да се пресретне ваквата намера на СЈО. Некои од тие мерки се спроведуваат со семожни судско-обвинителски трикчиња за опструкции на процесот на работата на СЈО – за џабе; други се од пропагандна природа со „општ напад“ од сите орудија на позициите и лицата вклучени во работата на СЈО – за џабе; а се спроведуваат или се во подготовка и цела дузина „магли“ и провокации – тоа, па, ептен за џабе! – за да се дефокусира вниманието на домашната јавност и да се опструира решеноста на меѓународната заедница работата со Македонија да се „истера“ до крај. На пример, одеднаш баџанакот на Мијалков, оној тотално, потполно, целосно и комплетно неспособен обвинител за гонење на организиран криминал Јован Илиевски, наеднаш се сетил (откако ја ислушавме Гордана, министерката внатрешна, како, баш за тие избори, дава јасни инструкции на своите партиски другарчиња за правење инциденти на тамошните гласачки места!) дека во Струмица треба да истражува наводен изборен криминал на Заев – сироти, тие со Зврлевски ни „Пуч“, ни оној мики-маус случај за обид за рекет на Заев не успеаја како што треба да ги наместат, па сега, како „гоење свиња пред Божик“, во општина Струмица ќе „откриваат“ изборен криминал!? Немој, бе.

Паниката е голема, се влечат очајнички потези, набрзина, без многу памет, според принципот „купи ден, помини“. Тоа е резултат на фактот што стратегијата на опозицијата и на „странците“ (правна држава) почнува сé повидливо да ја поразува стратегијата на ВМРО (брзи избори), поместувајќи ја парадигмата на вмровските политички игри и валкани полициско-обвинителски местенки, кон принципот на функционирањето на Држава со Закон.

Во тој контекст, важноста на изборниот датум (кога избори?) бледее, наспроти важноста на тоа што се сака да се постигне со овие избори (кој на избори?). Не знам дали во ДПМНЕ ова го разбираат, но сигурен сум дека го чувствуваат, со оглед на растечките понижувања на кои самите се изложуваат. Со други зборови, она што го зборувам цела година наназад, на ДПМНЕ ќе му се случува одлагање на изборниот датум – да, да, и 5 јуни не ви е сигурен – сé додека не разберат дека на избори НЕМА да одат со екипата која треба да оди во притвор, а потоа, сосема веројатно, и во затвор. Тоа не е анти-вмровски став, тоа е про-демократски, про-цивилизациски став. Тоа е борбата на Западот против Русија, борбата на политиката против мафијата и, во крајна линија, борбата на граѓанското општество против корумпираното партиско општество.

Еве една историска паралела, за да станат работите појасни: не е спорно дека Социјалистичката партија на Србија и денеска може да биде на власт кај нашиот северен сосед, но само откако нивните (воени) криминалци, на чело со Милошевиќ, завршија по затвори – значи, околу иднината на Груевски дилемите се завршени, прашањето е кој ќе биде Ивица Дачиќ во ВМРО-ДПМНЕ? И дали тие ќе ризикуваат сосема да ги снема од политичко-партиската мапа на земјава (најверојатно и со доживотни судски забрани за занимавање со јавна политика на целото сегашно партиско раководство) или реформата во партијата ќе обезбеди нејзин организациски и политички опстанок, па можеби и учество веќе во наредната македонска власт?

СРЕДБА НА ТЕОРИЈАТА СО ПРАКСАТА

Ова на многумина веројатно им делува некако премногу теориски. А јас, напротив, мислам дека сме влезени во многу практична фаза на оваа – хммм, да, принудна – трансформација на македонската десница: гледам како минатата недела низ Скопје шета еден странски дипломат за кого знам дека, меѓу другите референци во неговата богата егзекутивна кариера, беше еден од клучните фактори за апсењето на Ратко Младиќ во Србија. Си велам, ако јас го препознавам него, мора таа непријатна вест да му е пренесена и на Груевски. Дали тоа ја објаснува нервозата кај Големиот Народен Лидер?

Во неможност, реално, повторно да се зафатат со палење на Американската амбасада во Скопје, Големиот Народен Лидер (Груевски), во соработка со Помалиот-Голем Народен Лидер (Ахмети) смислиле предвидливо ново трикче за успорување на правната држава: координирана акција на криминалното македонско-албанско владејачко здружение со работен наслов „Крст за Орел“. Ризична им е таа операција од многу аспекти. Прво, некако прерано кинисаа, на три месеци пред избори?! Можеби го планирале конфликтот со априлски избори на ум, ама поместувањето на изборниот датум ги измести… Второ, народот веќе одбива масовно да оди во тоа кино каде што намислиле да го прикажуваат овој филм: на ДУИ, со сите вработени од општината Чаир, со државните административци и сите партиски функционери на чело (па, дури, и една Ермира Мехмети се нацртала таму, политички сосема разобличувајќи се во целата своја дамска убавина!), едвај им се собраа околу илјада души на самиот протест „против Крстот“…

Сега двајцата Големи-Помали Народни Лидери се во дилема дали имаат простор конфликтот да го ескалираат, да инсценираат некој судир, да падне некоја жртва, евентуално да ја префрлат вината кон Оливер Спасовски и потенцијалната реакција на МВР… Целата работа е многу очигледна, како лепешка на сред друм (и без да ја запалат онаа сирота палма, за што Коце има да тужи!), па не знам како ќе се објаснуваат наоколу, кого ќе лажат за инспирацијата. А и после трагичниот кумановски инцидент, меѓусебната доверба за здружено правење безбедносна криза во Македонија им е сосема истрошена – видете, не ги знам баш сите играчи од албанската страна, ама ако Тошка Петров и Бичиклиски треба да направат сценарио за меѓуетничка криза во Македонија, отиде ВМРО под стечај!

Многу е тенок мразот врз којшто газат и ДУИ и ДПМНЕ со овие провокации. Еднаш еден да кивне, ќе попушти замрзнатата тенка глазура под нив и сите ќе пропаднат до дното на таа гнасна националистичка мочвара. А меѓу нив има сериозно настинати колку сакаш!

(Патем, да прашам, нека дигнат раци оние читатели кои мислат дека Али Ахмети навистина бил во СЈО за да сведочи два ипол часа за „Случајот Космос“, а не за нешто друго?… Ооо, изгледа не сум јас единствениот кој не верува дека Ахмети има врска со Космос…)

ПОЈАС ЗА СПАСУВАЊЕ

Според тоа – да се вратиме на почетната сцена од овој текст, драмолетката во кабинетот на Големиот Народен Лидер – какви се изгледите наредната недела да „паднат“ првите притвори за Груевски и неговото злосторничко здружение? Изгледите се големи.

Правно, се разбира, работите не се ни малку спорни; напротив, ситуацијата е чиста како солза!

Политички, склон сум да мислам дека е можно развојот на настаните да оди во неочекувана насока. Имено, избори ни на 5 јуни ќе нема, бидејќи кога ќе се случат првите притвори за највидните членови на Фамилијата, ВМРО-ДПМНЕ итно ќе се обрати до странците за помош, со барање да се одложат изборите до април 2017 г., за да им се остави простор за консолидација. До тогаш, партијата ќе треба да избере ново раководство и, колку-толку, да се совземе за излегување на така одложените вонредни избори. До тогаш, половина од сегашното раководство би било во притвор по десетина кривични основи, а ликови како Латас и слични ќе пишуваат горчливи мемоари од некакви пребивалишта во Ниш или во Врање (добро, де, еве нека е и од кај Ивица во Бразил, па што?).

Тогаш СДСМ ќе се најде под притисок на меѓународната заедница да прифати одлагање на изборниот датум за 2017 г., ако заради ништо друго, тогаш и заради скандалот што почнува да расте со катастрофата во која, сега гледаме, се наоѓа изборниот список во Македонија.

Ваков рационален развој на настаните е можен, иако тешко остварлив во сегашната патолошки обременета внатрепартиска клима во ДПМНЕ. А, кога би размислиле, тоа ним најмногу би им одговарало, бидејќи се на прагот да се соочат со изборен пораз во јуни и драстични политички и правни последици веќе од летоска. Така е запишано во учените книги. Бидејќи, не се пушува историјата во тефтерите на Гордана што таа ќе ги користи како сопствен „појас за спасување“ во пазарењето со СЈО.

Сашо Орданоски

Колумната е објавена во Слободен печат