Дупло голо – оваа земја, простете, е туѓа!

0
1497

Ова е мојата последна колумна, барем до крајот на оваа профашистичка власт, колку и да се пролоногира. Затоа ќе изнесам неколку работи кои нема да бидат пријатни за црвените, сините и за сите други обоени. Во изминативе четири години, на три портали јасно ги кажував своите политички ставови за духот на времето во кое живееме на локално и глобално ниво и сфатив, ефектот од пишувањето е незначителен кога мнозинството ужива да ја игра понижувачката улога на НАРОД, наместо да застане во одбрана на својот индивидуален идентитет и да мисли со своја глава.

Таа самодеструктивна карактеристика на нашиот менталитет е резултат на повеќедецениски тренинг, а режимот на Груевски со својата пропагандна машинерија само ја доведе до нејзиниот зенит. И до пароксизам. Денес во Македонија е смртен грев да не размислуваш како мнозинството. Тој став резултираше со друг симптом на фашизмот, а тоа е презирот кон секоја критичка мисла насочена кон власта и генерален презир кон сите слободоумни индивидуи и интелектуалци. За фашистите, индивидуата нема права и секој поединец мора да се покори на одлуките на мнозинството и тоа е она што ги открива како фашисти. Тогаш ќе ги чуете партиските шакали на власта како истураат омраза по бисерите на културниот идентитет на овој народ како актерот Петар Арсовски и му се закануваат со смрт само затоа што неговиот политички светоглед е понаков од нивниот. Да повратиш. Тоа не е земјата во која сакам да живеам. Таа земја не е моја. Таа земја, простете, е туѓа.

Затоа им беше многу важно да навлезат што подлабоко во нашето приватно, преку нивните владини реклами и куртон-телевизиите. Затоа нивниот невкус преку политичкиот проект Скопје 2014 го наметнаа како општ, заеднички и единствено исправен вкус. Барок од гипс-картон, небодерски крстови, цркви, џамии и двоглави орли. Нивната псеудо-грандиозност требаше на мнозинството да му обезбеди лажна претстава за неговата големина додека безобѕирно го ограбуваа и го тренираа да клечи пред власта и државните институции за двеста евра плата. Сѐ што им беше потребно беше преплашен поединец кој целосно ќе се жртвува во служба на државата. Тоа е коренот на тоталитаризмот. За Македонија се работи! Македонија те вика! И ти си Македонија!

Која Македонија, ве молам? Онаа која лажно ја претставувате како независна и суверена? Онаа која ништо во неа не им припаѓа на нејзините граѓани, туку на десетина домашни и странски фамилии? Онаа која целосно се распродаде, прво преку приватизација, а последниве десет години преку лудачко задолжување во странските приватни банки? Онаа во која секое новороденче со раѓањето е веќе задолжено двеилјади евра на истите тие банки? Онаа во која секоја подлабока политичка криза се решава со странска интервенција? Онаа која за секоја непослушност кон нејзините странски ментори, за секунда може да биде втурната во граѓанска војна? Тоа последен го почувствува Груевски на своја кожа во кумановско Диво Насеље, ако се сеќавате? За непослушност Љубчо Георгиевски доби војна во 2001 година. Само што, тој веднаш сфати колку е саатот и се повлече на време, па сега живее мирен живот на среден богаташ. Груевски не ја сфати таа порака кога Заев отиде да го уценува со снимените разговори. Требаше да сфати дека не е Заев тој што го уцени туку, оние странците, кои девет години претходно дадоа зелено светло за Груевски да дојде на власт, откако го пензионираа нивниот долгогодишен човек од доверба, Бранко Црвенковски.

Секој македонски премиер од „осамостојувањето“ до денес доаѓал на власт по сугестија или со аминување на странците од Елитата, откако домашната и одредени надворешни тајни служби давале предлог за нов претседател на најголемите македонски партии кој подоцна би станал премиер. Сега Заев е избран од нив да застане прво на чело на СДСМ, а потоа и на државата. Нема тука голема филозофија и муабети од типот Заев нема харизма. Груевски санким стана претседател на ДПМНЕ зашто киптеше од харизма! Избран е, ќе биде и ќе мора да одработи промена на името, она што Грујо им го вети на странците за да дојде на власт. Арно ама, штом им го заврте грбот, му подготвија отстрел. Реалноста го потврдува тоа. Груевски последниве месеци направи сѐ што странците побараа од него, само неговата несреќа е во тоа што, го направи тоа предоцна. Да се договореше со Заев уште кога тој првпат влезе кај него со снимките, сега Груевски спокојно ќе пиеше кафе со Љубчо и Бранко, онака другарски, како со некогашни премиери и ќе се фалеше како за време на неговиот дупли премиерски мандат успеал да ја ограби Македонија повеќе отколку тие двајцата заедно.

И сега сите се слудени од големото животно прашање: Кога ќе бидат изборите? Ќе бидат тогаш кога странците ќе проценат дека сѐ е спремно Груевски да ги загуби. А ако случајно тесно ги добие, тешко дека ќе може да состави влада, кога албанските политички фактори во Македонија ќе изиграат на картата Заев, по пријателска сугестија на странците, на кои вечно им се должи за независноста на Косово и приемот на Албанија во НАТО. Затоа е малку стадоидно што приврзаниците на Груевски прават сметка без крчмар за нивната голема победа од сто спрема нула на наредните избори. Заврши песната за ДПМНЕ. Во наредните десет години нема да смеат да помислат на победа на избори, додека ние и оние странците, малку не подзаборавиме на оставнината на Фамилијата Груевци.

Сашо Ордановски минатата недела пиша за некоја нужност да се свртиме кон Западот зашто отаму доаѓа демократијата и слободата. Разбирам, мора да ги пофали, ама не е така. Денес таа европска супер-држава е исто тоталитарна во своите темели, а тоа ќе го почувствуваме дури тогаш кога ќе станеме дел од неа. Да не бидам погрешно сфатен. Се срамам од тоа што не ја оправдавме нашата независност стекната во 1991 година. Се срамам што сум дел од еден народ зашто никогаш не сфати дека секоја власт го третира како гласачко тело и никако поинаку. Се срамам што дозволивме да бидеме жртви на еден психопат кој создаде кадифен фашистички режим, но сепак фашистички. Се срамам што странците ги решаваат нашите внатрешни проблеми, а најмногу се срамам од тоа што цел свет знае дека постоиме како држава само затоа што моќната странска Елита сфати дека Македонија ѝ треба само како заморче на кое ќе ги проверува своите политички експерименти.

Од друга страна, свесен сум дека единствената шанса да опстанеме како држава е да станеме дел од таа тоталитаристичка ЕУ, зашто во спротивно многу брзо ќе станеме жртви на поделба и граѓанска војна. Ви било тоа пријатно или не да го слушнете, ама Албанците се само на чекор пред остварувањето на нивниот сон, Голема Албанија. Тој проект никогаш не беше напуштен, туку само повремено го ставаа во мирување, во зависност од политичката ситуација во регионот и желбите на САД. Албанците нема да седат простум додека Македонците меѓусебно си вадат очи околу тоа кој е предавникот Груевски или Заев. Тоа во превод значи: ДУПЛО ГОЛО!

Ем националните идентитети, социјалната држава и граѓанските слободи во таа Европа полека одумираат или се бришат, ем со Албанците во Македонија живееме во посебни, оградени атари, практично федерализирани, иако на онаа, ефтина хартија наречена Устав, сѐ уште сме унитарни. Ќе биде весело ако ЕУ се распадне набрзо по нашето влегување во неа, зашто тогаш Македонија ќе биде на бришан простор, држава без национална матрица и без државотворен народ во Уставот. Тогаш ќе биде логично Албанците да ги обединат сите територии во кои живеат во една држава и ќе мора пукне, зашто ќе ги нема повеќе странците да се замешаат, штом и тие ќе имаат многу проблеми за решавање по тој претпоставен распад на ЕУ, соочени со променетата демографска структура во своите држави која ќе предизвика нова дестабилизација на Европа преку појава на националистички екстремни партии и евентуално нова светска војна.

Оттука беспредметно е да се зборува не само за некоја светла иднина на оваа држава, туку и за иднината на светот воопшто. Европа е под голема закана на глобалната моќна Елита која не може на Германија и Русија да им го прости рушењето на Берлинскиот ѕид, направено со цел да ги исфрлат САД од игра на европското тло и сега Германија и Русија дебело плаќаат за тој свој потег, Германија со бегалци, а Русија со санкции, што резултира со зазорување на нова блоковска поделеност налик на онаа по Втората светска војна.

Би сакал да грешам, така ќе биде подобро за сите нас и нашите поколенија, но ако по утрото денот се познава, останува она што го пишав погоре. Ете, тоа сакав да ви го пренесам во овие редови. Отсега ќе се читаме во моите нови книги. Ме разбирате зошто ми е бесмислено и понатаму да пишувам колумни за нашата тажна ежедневна политика која од нас направи заложници на две страни, црвената и сината. Заложници на крстот и двоглавиот орел. Заложници на партиските и верски поглавари. И притоа никој, ама баш никој, од дрвата не ја гледа шумата, мрачна и непроодна… Иднина. Оваа земја, простете, е туѓа.

Пишува : Сашо Тасевски