Дудуш: Снимката е монтирана од осуденик, ако беше вистинита ќе имаше повреди и случај!

0
1185

Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, најави пријава поради објавената аудио-снимка од страна на порталот „Лидер“, на која, според медиумот, се слуша како Дудуш малтретира вработен во општината. Градоначалникот на Шуто Оризари во изјава за Фокус тврди дека станува збор за монтирана сминка која, според него, се користи во функција на политичка хајка со цел нарушување на неговиот углед.

„По повод вчерашната аудио-снимка објавена од т.н новинар Љупчо Златев на која тврди дека се слуша мојот глас, сакам да му порачам, неговото новинарство и професионалност е познато веќе од одамна на пошироката јавност. Со континуирано вклучување во монтирани политички хајки против мене нема да стане поугледен новинар, туку само ќе заработи соодветна пријава за нарушување на углед и чест. Соработката со криминалци од калибарот на Сенат Јашар, поранешен осуденик за вооружен грабеж и осомничен за ред други случи на насилство и нарушување на јавен ред и мир, нема да му донесе новинарски поени бидејќи од такви лица може да добие само монтирани аудио снимки. Да имало вистина во снимката, ќе имало повредени, лекарско уверение, случај!“, вели Дудуш.

Тој додава дека ова се случува во ист ден кога во општината било отворено полициско одделение за прв пат после 30 години.