ДС: Студенти беа тепани од полицијата за да се прогласи студентски лидер

0
1040

Демократскиот сојуз упатува честитки до студентите кои во текот на вчерашниот ден и ноќта покажаа храброст при обидот да спречат одржување на криминални и нелегитимни избори за лидер на студентите.

„Студенти од Студентскиот пленум беа тепани од полицијата и насилно влечени, за да се овозможи да се прогласи лидер на студентите во организација на власта. Демократскиот сојуз најостро го осудува вклучувањето во кршењето на изборниот процес на активисти на ВМРО-ДПМНЕ и бара одговорност за сите што придонесоа за хаосот и грдите пораки кои се испратија до светот“, се наведува во соопштението на ДС.

Демократски сојуз бара целосно расчистување на улогата и одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за образование, како најдиректно вклучени во тоа што се случуваше во текот на ноќта.

„Наместо студентите да бидат единствени и заедно во борбата за владеење на правото, демократија, подобрување на квалитетот на образование и студентскиот стандард, сведоци сме на поделби и ‘војна’ за интересите на владејачкиот естаблишмент. Ако на овие избори пред очите на јавноста се случуваше хаос, полициска бруталност и фалсификат, што ли се ќе се случува на парламентарните избори. Во право се граѓаните кои се погласно коментираат ‘Од државата ништо не остана’“, се додава во реакцијата на ДС.

Демократскиот сојуз инсистира да се одржат парламентарни избори во октомври за да се врати мирот и стабилноста.