Државата ќе ја водат кредити се додека кредитите не ја однесат државата

0
1509

Како што социјализмот создаде технолошки вишок на работна сила, која стопанството не можеше да ја поднесе, така денешните држави, излезени од транзиција, создаваат административен вишок од работна сила која стопанството исто така не може да ја поднесе

10404192_10206913109656723_2343465014447521820_n

Надворешното и внатрешно задолжување, како облик на финансирање на буџетскиот дефицит, е инструмент кој државата со право го користи за покривање на помалку собраните приходи од предвидените односно за покривање на предвидениот буџетски дефицит, начелно проектиран за развојни цели, а реално за менаџирање со агрегатната потрошувачка, стимулирање непродуктивни стопански сектори и покривање тековни обврски (плати, пензии, субвенции итн.). Јавниот долг не само што претставува долгорочна обврска и терет за идните генерации, туку создава и фатаморгана на поквалитетен животен стандард. Зошто е тоа така?

Според еминентниот економист професор Мирослав Зец, во поранешна Југославија најдобро се живеело во 1975/76 год., период кога нивото на јавниот долг било екстремно високо, а тоа е периодот кога Тито се задолжувал. Тоа што на другите им недостасува, а на Тито му се препишува како “генијалност”, е што навреме умрел. Починал на крајот од грејс периодот, 1980-тите години, кога доспеале кредитите земени од странство. Тогаш Југославија ја поминала црвената линија на задолженост и западнала во длабока економска криза. На рафтовите во продавниците се јавил недостаток на многу основни продукти и намирници, како што се леб, млеко, јогурт, кафе, зејтин, имало огромен недостаток на нафта, се возело на парни-непарни броеви на регистарски таблици на возилата, и се тоа поради презадолженоста на цела земја и неспособноста да се справи со неа, но за волја на вистината, тоа е период кога Тито “заминал” од овој свет, а кормилото на бродот кој тоне било препуштено на други капетани.

Кој друг ако не народот е оној кој треба да ги враќа кредитите што државникот ги подигнал во нивно име, а тоа било почеток на крахот на оној вештачки креиран добар животен стандард и уште една потврда за социјализмот како пример за лош економски систем, но наместо врз Тито, целиот гнев бил истурен на сметка на оние кои го наследиле престолот, а ликот и делото на Тито останало запаметено како “човек во чие време многу убаво се живееше”.

Сличен беше примерот и со грчката економија која благодарение на континуираното задолжувања, до крајот на 2009-та год, до обзнанувањето на вистинскиот јавен долг, граѓаните на Грција благодарение на големите задолжувања, уживаа незаслужено висок животен стандард. Како последица на таа презадолженост, се воведоа сериозни намалувања на буџетската потрошувачка, а тоа рефлектираше секојдневни штрајкови и протести на улиците на Атина, кои создаваа притисок врз тогашната влада на Папандреу да замине – само заради тоа што се обиде да стави крај на задолжувањата. Меѓутоа Папандреу ја немаше “генијалноста” на маршалот и остана по лошо запаметен.

Денешните држави од поранешна СФРЈ вкупно должат околу 200 милијарди долари. Поранешна СФРЈ при распадот должела нешто помалку од 14 милијарди долари. Дали СФРЈ била помалку зависна од незаработени пари? Не! СФРЈ печатеше пари да ги покрие загубите кои ги правеше технолошкиот вишок од работна сила. 1980-та година просечна македонска плата била 1 милион стари динари. Во 1988-та година една македонска плата изнесувала скоро 1 МИЛИЈАРДА стари динари. Не се зголемил животниот стандард за илјада пати, туку паричната маса во оптек е зголемена за илјада пати.

Тоа денешните држави не го прават, па ги хранат загубарите, државната администрација и останатите непродуктивни сектори со заеми од надвор. Ние не сме го напуштиле социјализмот како пракса, ние направивме сопственичка реформа која сама по себе ништо не значи. Направиве грабеж кој го нарекуваме “приватизација” и тоа н? однесе во многу поголеми проблеми. Како што социјализмот создаде технолошки вишок на работна сила, која стопанството не можеше да ја поднесе, така денешните држави, излезени од транзиција, создаваат административен вишок од работна сила која стопанството исто така не може да ја поднесе.

Македонија изгледа не успева да извлече наравоучение од соседите, ниту од минатото, па јавниот долг секој месец вртоглаво го зголемува. Уште повеќе загрижува фактот што во услови на се поголема задолженост, во Македонија не може да се одржи ниту оној фатаморгана ефект на подобар животен стандард, туку има надолен тренд, иако “благодарение” на кредитите од странство, држава успева да го сведен тој стандард на некое подносливо ниво и спречи изблик на социјални немири.

Еден ден, оваа или некоја друга Влада, треба да се соочи со непопуларни мерки и стави крај на задолжувањата, а тоа ќе значи укинување на вештачки создадените работни места на државна сметка(администрацијата), ќе се оптимизира потрошувачката – според можностите (кој колку произвел – толку ќе заработува), ќе се затворат славините на буџетот, многу стопанственици кој кумувале само со државни тендери ќе колабираат, неоспособени за рамноправна борба на слободен пазар, ќе останат и нивните работници без работа, а тоа ќе продуцира незадоволство, штрајкови и протести. Оваа мерка е неминовна, колку поскоро – толку помал број граѓани ќе ги почувствуваат последиците од мерките на власта, но долгорочно ќе доприне за стабилен развој на економијата.

Ако животниот стандард го замислиме како авион, при што горивото се парите од кредити, со тој авион една неодговорна власт (пилотите) ќе летаат с? повисоко и повисоко кон облаците, додека народот (патниците) ќе се радуваат убедени дека уште малку ќе постигнат толкава височина, што “Господ за брада” ќе го фатат.

Ама, кога во еден момент горивото ќе секне, а авионот е толку високо што безбедно слетување не е можно, а и на кој аеродром да слета кога “од Истокот сме се полетале, а кај Западот уште не сме слетале” ? Пилотите, свесни за она што го чека авионот сигурно си имаат на време обезбедено падобрани и ним падот на земјата нема да им се види тежок, особено ако ветровите ги однесат на некој тропски остров. Но што да прават оние што ниту обезбедиле на време падобран, ниту пак се свесни дека авионот наскоро ќе остане без гориво? И уште повеќе, се убедени дека оние малкумина патници кои цело време предупредуваа дека наскоро авионот ќе почне да паѓа треба да бидат исфрлени како клеветници, сеедно што меѓу таквите патници има и некои кои биле порано и самите пилоти на истиот авион па знаат што зборуваат.

Сега засега, авионот наречен Македонија лета низ облаците, толку високо е летнат што заборавивме како изгледа земјата. Но економските законитости се како и природните – неумоливи. Авионот може да лета додека има гориво, но кога ќе снема гориво, гравитацијата ќе го повлече надолу неповратно. Тие што имаат падобран – ќе се спасат, но тие што немаат…

Пишува : Трајче Арсв , адвокат