ДО СИТЕ ЈАКИ МЕНАЏЕРИ ВО ГРАДОВ, НЕЛИ ВИ Е СРАМ БЕ?

0
1465

Почитувани таканаречени “директори”, “управители”, “менаџери”,

Би сакал да ве замолам нешто.

Kosta-Petrov

Ќе може ли еднаш засекогаш да престанете да и давате лош глас на вашата функција? Го претеравте!

Да се разбереме. Не го мислам ова за сите директори. Има кај нас одлични таленти, менаџери и луѓе со светска визија. Не има, да! Но од овие самобендисани анти-бизнисмени ретко кој од нас може да дојде до збор. Не само тоа. Нивните постапки го уништуваат и оној мал напредок што секој од нас секојдневно се обидува да го направи. Токму ваквото себично однесување од  нивна страна ја создава лошата слика за македонскиот бизнис свет и редно време е нешто да промениме!

Ви се обраќам на вас, директори што мислите дека позицијата директор постои за лечење на сопствени фрустрации и исполнување на болни фантазии.

Зборувам за оние директори кои одат на луксузен одмор а нивните вработени немаат добиено плата по два-три месеци.

Мислам на оние директори кои ги вработуваат вработените на минимум плата а другите пари им ги даваат во кеш. И прашање е дали ќе им ги дадат.

Зборувам за оние директори кои прават големи пари бидејќи ретко кој од нивните вработени е пријавен.

Зборувам за оние директори кои никому ништо не плаќаат за да можат да го купат најновиот модел  на Mercedes за да ја возат швалерката и бидат најголеми фраери.

Зборувам за оние директори кои ги третираат вработените како слуги, робови и боксерска вреќа за исфрлање на сопствените фрустрации.

Не ли ви е срам бре?

Не ли ви е срам да патувате по луксузини одмори, да носите најскапи часовници, и да ги купувате најскапите одела додека вашите вработени немаат земено плати со месеци? А што па јас прашувам. Очигледно е дека не ви е. Да ви беше, работите ќе беа сосема поинакви.

Не велам дека сум најдобриот директор на свет но верувам дека секој успешен директор треба да почитува едно златно правилo: прво работиш за вработените, па потоа за себе.

Размислите малку на оваа тема кога го пиете вашето шема кафе додека вашите вработени врзуваат крај со крај за да го преживеат месецот.

И за крај запомнете, секое чудо за два дена. Сите оние што добиле нешто, а не им е заслужено, еден ден ќе го загубат тоа, бидејќи тоа никогаш не ни било нивна сопственост.

Поздрав фраери. А за нас, оние чесните што макотрпно работиме, ќе издржиме уште малку. Нашето време допрва доаѓа.

Коста Петров е директор и основач на Пи Ворлд, глобална креативна агенција со канцеларии во Прага, Баку и Скопје и присуство во над 30 земји во светот. Од неодамна тој е и колумнист за американскиот Huffington Post.