ДОСИЕ ТЕЛЕКОМ 5: Случајот „Агент“ клучен за расветлување на корупцијата

0
1088

Telekom5

Аферата „Телеком“ има четири фази и два заеднички именители: „константа“ е улогата на грчкиот бизнисмен Контоминас, а флуктуираат функционери од сите влади од 2000-та година до денес! „Ако случајот `Агент` е конструиран за елиминирање на еден од клучните сведоци за криминалот во Телеком, од тој случај мора да почне и расплетот“, сметаат правни експерти, пишува Призма.

Фаза на конфликт: Груевски на тајна средба

Но, само шест месеци по победата на ВМРО-ДПМНЕ и остварената соработка со „Аналитико“, во декември 2006 година, Владата има тешкотии да ја добие дивидендата од Телеком. Причините за тоа набрзо осамнуваат во медиумите под идентични наслови: „Од ‘Телеком’ нелегално се префрлени десетина милиони евра во Кипар“… „По Нова година доаѓа контрола од „Дојче телеком“ за да ја утврди вистината со сомнителните трансакции“.

Приказната брзо потекува во јавноста: за фиктивни консултантски услуги биле исплаќани огромни финансии на кипарската фирма „Чаптекс холдингс лимитед“ на Контоминас, која за наводните услуги од Телеком и „Мобимак“ само за неколку месеци наплатила најмалку од 5 до 10 милиони евра. Откривањето на исти малверзации во Македонија и во Црна Гора предизвикува пад на акциите на Телеком на Њујоршката берза.

Повикувајќи се на доверливи извори, медиумите објавуваат дека парите за „Чаптекс холдингс лимитед“ се префрлани на сметка во „Cyprus popular bank“, дека не бил распишан тендер за избор на оваа консултантска куќа и дека постојат документи, според кои, на кипарската фирма за фиктивни услуги и било плаќано не само во 2005-та, туку и во 2004 година.

Поради истрагата во Црна Гора и во Македонија, стопирано е исплаќањето на дивидендата во двете земји.

„Мислевме дека Унгарците ќе доцнат со исплатата на дивидендата поради истрагата за малверзациите во Црна Гора. Но, излезе дека и во нашиот ’Телеком‘ има проблем, каде што во моментот е ангажирана ревизорска куќа“, изјавува за „Утрински весник“ тогашниот министер за финансии, Трајко Славески.

Додека Владата бара од Телеком исплата на дивидендата за 2005 година со камата заради доцнењето, „Маѓар Телеком“ одговара дека може да понуди само заем, но Владата тоа го одбива. Во тој затегнат период, против „Телеком“ и „Т-мобиле“ е поднесена прекршочна пријава, бидејќи навреме не го доставиле ревидираниот финансиски извештај за 2005 година.

Иако првично се добива впечаток дека Владата е во тивка војна со Маѓар Телеком, набрзо владините претставници целосно замолчуваат, со образложение „дека ќе ги остават Унгарците сами да си да го истражат случајот со одливот на парите“.

Дивидендата за 2005 година е исплатена во август 2007 година, во висина од 47 милиони евра. Истиот месец Атила Сендреи е разрешен од членството во Бордот директори, а во септември е отповикан и од функцијата главен извршен директор, иако неговиот мандат истекува во 2008. Официјално образложение за повлекувањето се „здравствени причини“, но причината на сите им е јасна. Сендреи и претходно со месеци беше отсутен од Македонија.

Целиот текст на Катерина Блажевска за поткупот во Маѓар Телеком прочитајте го тука.