ДОМ: Дали по притворите ќе следи полициски час?

0
1087

„ДОМ е огорчен поради изречената мерка притвор за Здравко Савески и десетина други активисти од граѓанското движење „Протестирам“, а особено од третманот што го добиваат во одредени медиуми, каде се претставени како „хулигани“. Потсетуваме уште еднаш дека бранот протести се крена по скандалозната групна аболиција на политичари од страна на Претседателот Иванов, а во протестите ширум нашата земја учествуваа стотици илјади граѓани.

Протестирањето е граѓанско право и неприфатливи се вакви закани со притвор или затвор за учество во протестите. Овие методи на притисоци и закани врз граѓаните што го изразуваат своето незадоволство на мирен и демократски начин не наведуваат на прашањето: Дали по притворите ќе следи „полициски час“ и забрана за движење?

ДОМ, како дел од Платформата за демократска Македонија, повикува на прекин на ваквите методи на сеење страв, притисок и заплашување на народот. Воедно, ги охрабрува граѓаните да не се откажуваат од своето право за мирно протестирање и изразување незадоволство од потпишаната аболиција и од намерата да се одржат нерегуларни парламентарни избори“, соопштуваат од ДОМ.