Додева: Имам една мајка и не знам вие по колку мајки имате дома и дали ќе може мирно да спиете…

0
3333

Драги мои, Ви се обраќам на сите со мојот личен проблем и проблем на сите кои се засегнати од оваа тешка болест. Мајка ми Олгица Јанева има мелоном во метастатски стадиум на болеста и единствена терапија со која може да и се продолжи животот е современа терапија која не е на позитивната листа на лекови. Еден од лековите коj може да и го продолжи животот е лекот Keytruda (pembrolizumab), од оваа година е регистриран во нашата земја но бидејќи и овој лек не е на позитивната листа на лекови, ние од семејството не можеме да си дозволиме да го купиме лекот кој чини околу 6.000 Евра и треба да се зема секои три недели.

За сите овие девет години работа на оваа тема и мојата лична несебична посветеност токму на помош и поддршка на пациентите болни со рак и за подобрување на здравствениот систем во нашата ни Македонија, доведена сум во незавидна состојба и НЕ СМЕТАМ ДЕКА ТРЕБА ДА СОБИРАМ ДОНАЦИИ за да ги ОСТВАРАМ ОСНОВНИТЕ ПРАВА ЗА ЛЕКУВАЊЕ и ДА ГО СПАСАМ ЖИВОТОТ НА МАЈКА МИ!

Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување ги кршат базичните начела на Законот за здравствена заштита и согласно член 11 од овој закон “секој пациент мора да има пристап до современи достигнувања во медицинскта наука и практика”.

Ве прашувам:

Дали пристапот до современа терапија за мелоном облигаторно ја имаат само лицата кои се моќни и богати лекувајќи се во САД а кои ни се добро познати??? До кога ќе ги игнорирате сите наши напори за промена на состојбата на пациентите со рак во нашата земја? До кога лекувањето ќе биде ексклузивитет само на “Богатите”??
Дали е фер мајка ми да почине поради немање на финансиски средства имајќи го лекот пред очи???

Апелирам до сите релевантни институции ВЕДНАШ да започнат со постапка за решавање на овој животозагрозувачки проблем.
Оваа борба не е само борба на нашето семејство.

Јас имам една мајка и не знам вие по колку мајки имате дома и дали ќе може мирно да спиете… Ама јас нема да заспијам!

Фејсбук статус на Биба Додева