Договорени тројца пратеници од дијаспората, но има можност да не бидат сите избрани

0
866

120925

Ќе се бираат тројца пратеници од една изборна единица во дијаспората, но ако се повторат резултатите од минатогодишните избори, невозможно е да има цензус за да бидат избрани сите тројца, пренесува 24 Вести.

На вчерашната средба на работните групи, која беше прекината поради проблемот со изборот на тимот на Катица Јанева, биле расчистени поголем дел од спорните прашања. Од власта тврдат дека има конечен договор, но од опозицијата велат дека се уште треба да се преговара. Но, дефинитивно е договорено гласањето на дијаспората.

Лани имаше вкупно околу 12.000 гласови од целата дијаспора, што значи дека реално е да биде избран еден пратеник, за што ќе бидат потребни 6.400 гласови за една листа. За втор пратеник 12.800, а за трет дури 19.200 гласови за една листа.

Договорено е и наместо гласачите да се идентификуваат со отпечаток од прст, во избирачкиот список да има фотографија од гласачот.

Според Манчевски, договорено е да има неограничен број на теренски проверки на избирачкиот список и вкрстување на податоците од различни бази. Но, останале и неколку прашања кои се уште не се договорени.

Платеното политичко рекламирање во медиумите исто така не е договорено, а спорна е и застапеноста на жените на листите на партиите. Од опозицијата велат дека ќе мора да има уште една средба за конечен договор, се разбира откако ќе се реши проблемот со Специјалното обвинителство.