Добар заварувач зема до 1.000 евра месечно, ама младите не сакаат да учат за тоа

0
1341

Застрашувачка е состојбата во техничките ушилишта во Општина Гази Баба каде уписите на ученици се намалени за 300 проценти, од 4.191 во учебната 2005/2006 година на 1.340 во 2018/2019, потенцира градоначалникот Борис Георгиевски.

На 130 компании на ниво на Град Скопје им се потребни 874 квалификувани работници од машинската и електро струката, а само во Општина Гази Баба 409 млади до 29-годишна возраст се без работа. Тутунските комбинати, пак, бараат и веднаш би вработиле 85 тутунски техничари, но нема ниту еден таков во земјава, беше речено денеска на прес-конференција во Сојузот на стопански комори (ССК).

Според бизнис заедницата, се поизразен станува проблемот со недостиг на соодветен кадар. Неопходен е процес на преквалификација, но и на сериозна, стратешка, долгорочна реформа во образовниот систем. Мора конечно да се смени и начинот на размислување.

– Не може и не треба секој да заврши факултет. Тоа треба и родителите да го сфатат. Да се информираат што нивните деца би работеле со средна стручна спрема и да не го гледаат тоа со потценување зашто ако е некој добар во својот занает, може да заработува многу повеќе од вработен во администрацијата – истакна координаторот на Програмата за доживотно учење, Владо Димовски.

Според него, проблемот не е во ниските плати на „среднистите“ зашто добар заварувач или техничар зема од 500 до 1.000 евра месечно.

– Висината на платите зависи од учинокот на работникот. Оној што е стручен зема многу повеќе од инженер или директор – истакна потпретседателката на ССК, Габриела Кулебанова.

Електро-машинскиот училишен центар (ЕМУЦ) „8 Септември“ ќе ги стимулира учениците да се запишуваат со стипендии. Најдобрите ќе добиваат финансиска поддршка од компаниите, а тоа, практично, ќе значи сигурно вработување по завршувањето на четиригодишното школување.

– Застрашувачка е состојбата во техничките ушилишта во Општина Гази Баба каде уписите на ученици се намалени за 300 проценти, од 4.191 во учебната 2005/2006 година на 1.340 во 2018/2019- потенцира градоначалникот Борис Георгиевски.

Најдефицитарни и натаму се заварувачи, бравари, ѕидари, пекари, хемиски и фармацевтски техничари,…, но, освен кадар со средна стручна спрема, потребни се и машински инженери, како и металурзи.

На прес-конференцијата беше најавен и Првиот училишен саем на машинска и енергетска индустрија што треба да се одржи на 10 и 11 мај одинава во просториите на ЕМУЦ. Целта на саемот е подигнување на свеста кај младите за дуално образование и стекнување вештини кои би им помогнале полесно да најдат работа. Не е исклучена и можноста од склучување договори за вработување.

Извор : МИА