Дирекција за заштита на лични податоци: Забрана за ДИК да обезбедува електронски пристап до личните податоци

0
897

Дирекцијата за заштита на личните податоци по службена должност изврши вонреден инспекциски надзор во Државната изборна комисија по однос на објавувањето на личните податоци од Избирачкиот список на нејзината веб страница и донесе две привремени решенија.

Со едното, како што соопшти, се забранува ДИК да обезбедува електронски пристап до личните податоци во Избирачкиот список објавен на веб страницата на начин кој не е во согласност со прописите за заштита на личните податоци, а со другото, на ДИК и се забранува да објавува на својата веб страница лични податоци на физички лица (име и презиме, пол, адреса, место и општина, датум на раѓање, податок за иселени лица и број на гласачко место), содржани во Списокот на неконзистентни записи-предмет на теренски проверки.
Привремените решенија, наведува Дирекцијата, се издадени за да се спречи натамошна повреда на правата на субјектите на лични податоци и нанесување евентуални штетни последици до донесувањето на решенијата.