ДИРЕКТОРОТ НА МЕПСО ПРОДОЛЖУВА ДА ГО ИРИТИРА НАРОДОТ: И децата на политичарите мора леб да јадат?!

0
1326

Ако не ставев потпис на договорот за вработување на сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши ќе одговарав кривично, но не знаев дека му е сестра. Знаев дека Дамјан му е син на Владо Бучковски – горд сум што е овде и му го продолживме договорот на определено време за уште некој месец. А навистина не знаев дека сум ја вработил ќерката на Невзат Бејта.

Вака првиот човек на МЕПСО- Сашо Василевски се правда за тоа што во последниот период државната компанија е на мета на јавноста со обвинувања дека стана место за згрижување на роднини на функционери од СДСМ и ДУИ. Конкурсот на кој е вработена сестрата на Бектеши е од октомври лани. Влора Бектеши работи во правната служба во компанијата со плата над 33.000 денари. Василевски не одговара директно зошто и како од тројца кандидати кои му ги предложила Комисијата, тој избрал потпис да стави токму за сестрата на министерот.

„Зошто баш таа, зошто сум ставил потпис. Сум ставил потпис бидејќи Комисијата ми предложила избор на тројца кандидати меѓу кои и таа. Со ништо не ги нарушила односите дека не ги исполнува условите, уште повеќе што министерот што му бил брат ниту има право ни по Устав ни по закон да бира и да се меша во работата на МЕПСО. Одговорно тврдам, изборот е направен на најтранспарентен начин во согласност со законот и со уставот. Се во спротивно ако не сум ставел потпис јас мислам дека би направил и дискриминаицја и би се судрил со уставното право“ – вели Сашо Василевски, директор на МЕПСО.

Василевски не чувствува морална грижа и не гледа непотизам во овие случаи бидејќи и роднините на функционерите при конкурсите за вработување ги имаат истите права како и сите граѓани. Горд е што на истиот оглас се вработени и 19 електроинженери и информатичари. Министерот за економија пак Бектеши кој е во Давос на Светскиот економски форум не одговори на нашите пораки дали ургирал за работното место на сестра му. Овие не се единственото звучни имиња кои најдоа работа во државна сужба. Премиерот Заев меодамна не виде непотизам во некои од нив.

„Прочитав дека на бившиот градоначалник Бејта ќерка му се вработила во МЕПСО. Прочитав исто на медиумите дека била најконкурентна, односно налмногу ги исполнувала условите. Добро ама тие не се фуункционери јавни. Значи не се носители на функции повеќе. Вие споменувате изолирани случаеви. Ако повнимателно се насочиме колку ќе најдеме 50-100? Во последната година во Македонија 15.000 конкурси се распишани во јавни институции…не знам 50-100, тие деца не знам што да работат, татко им не е таму…нема судир на интереси. Бучковски не е влијателен во СДСМ“ – рече Заев.

Во ЕЛЕМ пак се вработија и ќерката на собранискиот спикер Талат Џафери и синот на Мирослав Грчев. А помошник директор во Државното станбено претпријатие стана и синот на Фрчковски. Македонија речиси десет месеци нема Антикорупциска комисија, па така и ваквите за јавноста спорни вработувања нема кој да ги оспори.