Димитров во Софија: Договорот и формално стапува на сила

0
1139

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров од денеска престојува во Софија, каде што е предвидено да има билатерални средби со претставници на бугарските власти и да учествува на неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Димитров денеска треба да има билатерални средби со претседателот на Бугарија, Румен Радев, СО премиерот Бојко Борисов и со неговата колешка Екатерина Захариева.

Димитров и Захариева, како што соопшти МНР, ќе ги разменат ратификациските документи на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

Со тоа практично ќе се заврши формалната постапка за стапување на Договорот во сила, по неговата ратификација во македонското Собрание на 15 јануари и на бугарскиот Парламент три дена подоцна.

Состојбата во Западен Балкан, со акцент на евроинтегративниот процес на регионот, како и ситуацијата во Сирија и Северна Кореја, ќе бидат темите на кои ќе се дискутира на сесиите на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на Европската унија (Гимних), што утре и задутре ќе се одржи во Софија.

Домаќин на состанокот е бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

На неформалниот состанок ќе учествува и високата претставничка на Унијата за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, шефовите на диломатиите на 28-те земји-членки, како и министрите за надворешни работи на петте земји кандидатки од регионот Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција.

Извор : НоваТВ