ДИК: 374 анкетари теренски ќе проверуваат 100.436 гласачи

0
1410

До крајот на неделава ќе почне теренската проверка на 100.436 записи (име и презиме и адреса) кои произлегоа од вкрстената проверка на податоците од десетина државни институции како дел од процесот на прочистување на избирачкиот список.

Државната изборна комисија информира дека за теренската проверка се ангажирани 374 овластени анкетари, а целиот процес ќе се контролира од овластени лица на ДИК. Целиот процес ќе биде набљудуван и од претставници на четирите политички партии, потписници на договорот од Пржино.

Анкетите ќе се вршат секој ден од 8,30 до 19 часот, а секој анкетар на себе ќе има и беџ, како документ за идентификација. Анкетарот треба да зборува лично со лицето чии податоци треба да се проверат, а ако тоа лице не е присутно, тогаш треба да се обави разговор со присутен член од семејството. Ако во станот или куќата нема никој или лицето не е во состојба да даде податоци, тогаш има задолжение да дојде друг ден. Ако и тогаш нема никој тогаш се доставува известување и тоа лице е должно во рок 3 дена да се пријави во подрачната единица на ДИК.

„Когаа се работи за јавен објект или објект што не постои, анкетарот тоа треба да го наведе во извештајот. Очекуваме во текот на денот на веб страната на ДИК да биде објавен целиот прашалник. Нема да има казни за тие што не дале податоци. Казните не се наша цел“, рече Љупка Гугучевска.

Претходно ДИК информира дека анкетниот лист ќе има 31 прашање.

Медиумската кампања што следува се вика „Отвори врата“, а целта е да се врати довербата меѓу граѓаните и ДИК.