ДИК ги отфрли кандидатурите на Стево Продановски и Љупчо Николовски од СДПМ

0
1131

Државната изборна комисија на вечерашната седница ги прифати целосно кандидатските листи на пет, а делумно на еден политички субјект, кои им беа вратени на доработка поради констатирани неправилности.

Потврдени се листите на Коалицијата за промени и правда, Коалицијата ВМРО за Македонија, на Коалицијата „Алијанса за Албанците“, на Левица и на НДМ. Прифатени се и поднесените листи на СДПМ, освен за првата и за третата изборна единица, за кои според мнозинството членови на ДИК, констатираните неправилности не се отстранети.

Стево Продановски нема да му биде противкандидат на Стево Пендаровски, ниту Љупчо Николовски од СДПМ на Љупчо Николовски од СДСМ. Овие две листи предизвикаа намногу дискусија и сомневања во ДИК. Бранко Јаневски има право на жалба до Управен суд за листите. Во останатите изборните единици листите му беа прифатени. Па така на Радмила Шеќеринска друштво ќе и прави на Радмила Шукуровска.

Државната изборна комисија на седницата во саботата вечерта ги прифати кандидатските листи на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на опозициската коалиција предводена од СДСМ, на ДУИ, на ДПА, на ПДП, на ЛП и на Беса.

Овие 13 политички субјекти се пријавија за учество на парламентраните избори на 11 декември и поднесоа кандидатски листи за пратеници до крајниот рок кој истече на 11 ноември на полноќ.

Жребувањето за редоследот на кандидатските листи за изборите треба да се одржи на 20 ноември, а следниот ден почнува предизборната кампања која ќе трае 20 дена.