Дали во ДПМНЕ се подготвува преврат?

0
1104

Партиската прослава како воена вежба

Како тоа, со децении, уште од времето на комунизмот, неколку десетици владејачки гарнитури се чувствувале безбедно во зградата на владата (бившата Це-Ка, денешната грдотија од „Белиот дворец“), а на Грујо му дојде до тоа да дига двометарска ограда за да се оддели од „народот“ што во последниот говор го спомнува, ни помалку, ни повеќе, дури 39 пати?!

saso-ordanovski-540x329

Неверојатно е што доживува ДПМНЕ на 25 години од своето основање: денешната прослава на јубилејот ја прават една дузина луѓе кои, до стапувањето на високите државни функции пред девет години, немаа НИКАКВА врска со идеите на ВМРО. Напротив, многумина од нив имаа партиски книшки или симпатии кон опонентите на ДПМНЕ. Груевски не се срамеше, неодамна, да ја преправа историјата на партијата со обидот да го избрише дури и Љупчо Георгиевски од неа, за сега, притиснат од потребата да му се додворува на неговиот претходник, јавно да му се заблагодарува за формирањето на ДПМНЕ. Денеска има повеќе заслужни членови на оваа партија во затвор, осудени низ политичките процеси наместени од владејачката фамилија, отколку што кога било ги имало за десетината години од вкупното владеење на СДСМ. Практично, голем број од историските основачи на ДПМНЕ пред 25 години и оние кои припаѓаа на првите постави на патриотската партиска номенклатура, денес се надвор од животот на партијата, ифритосани и „попарени“ што нивниот труд и вложената енергија 25 години потоа се узурпирани од една збирштина на бизнис-профитери и идеолошки конвертити на кои до ДПМНЕ им е дојдено колку до ланскиот снег. ДПМНЕ денеска личи токму како и „нивниот храм, нивната тврдина“, таа грда градба во центарот на Скопје што Груевски ја промовира како ново партиско седиште: еден провинциски кич од зградурина, урбанистички скандал насаден на место каде што не припаѓа, која во сите свои архитектонски аспекти е со „квазимодо“ квалитети како и партијата што ја населува; сосе подземниот таен тунел кој, велат, води од под таа зграда, до некаков излез наводно некаде од задната страна на Собранието. Ах, таа патетична драмолетка наречена ДПМНЕ, на која, удавена во сопствените конспирации, секогаш ѝ треба некоја „мала врата“ за фаќање магла – можеби и овојпат сосе касата на движењето, како што тоа повремено се случувало низ историјата на ВМРО.

НЕУВЕРЛИВ ПОЛИТИЧКИ ДЕМАГОГ

Елем, ајде, за атер на јубилејот, се принудив некни да одгледам некоја од снимките на говорот на Груевски за време на вмровската прослава на 25 годишнината од основањето на ДПМНЕ. Едвај издржав. Говорите на Никола Груевски се, главно, многу здодевни за слушање, од неколку причини. Секогаш се предолги за приликите во кои ги декламира, особено за оние кои мораат да стојат на некој плоштад и да „блеат“ во него. (Го памтите рециталот од 18 мај, таа демантирана прослава на антизападните, антиевропските, проруски емоции на партијата на власт, кога Грујо го одржа својот најлош говор во својата кариера?) Им гледаш на фаците дека им е преку глава од слушање политички демагогии, броење „потемкинови“ статистики и морализирања извадени од прирачниците за комунистичка работа со масите. Таа говорничка екстензивност произлегува од саморазбирањето на Груевски дека тој е историска личност и дека, како и Титовите, и неговите говори еден ден ќе се издаваат во кожни повези како собрани дела и, фаќајќи прав на полиците по провинциските библиотеки, ќе сведочат за „славната“ материјална и интелектуална „историја“ што тој ја создавал на овие простори.

Реално, не е првпат да кажувам, човекот има мошне скроми говорнички вештини. Нема чувство за темпо во јавниот настап, без разбирање е на тоа што е тоналитет во изговорот, што е драмска пауза или говор на тело; или макар да има трага од чувство за хумор… Сув е к`о папрат! Говорничките обраќања му се монотони, набиени со дескриптивни историски и актуелни контексти. Заради продлабочувањето на политичката криза во Македонија, нему му треба сѐ поголем простор за да објасни дека некој друг, а не тој, е главниот виновник за пропаѓањето на државата. Неговото влијание врз развојот на настаните веќе со месеци е реактивно и се одвива од длабока дефанзива. Повеќе аналитичари веќе забележаа дека прочуените „странски служби“ кои работат против Македонија во овој говор се трансформираа во „мрачни сили“, а на прикаските за „жолтите комбиња“ и слични глупости со коишто до вчера ја лажеше јавноста, денеска не може да им се најде ни трага ни глас.

А потоа таа класична популистичка демагогија, тој ритуал на упорно заглупување: народот, па народот, па народот, па народот… Не ме мрзеше, па седнав да пребројам, и овојпат, нашиот мал Фидел во својот говор „народот“ го спомна – ни помалку, ни повеќе – туку 39 пати! Кој е тој Фројдовски проблем што Груевски го има со народот, каква е таа политичка патологија? Во војска викавме: „Ко о чему, курве о поштењу, војска о скрачењу…“ А Грујо „о народу“.

Мислам дека и самиот насетува дека се ближи денот на народната пресуда. На крајот, кога ќе му читаат, секако ќе биде „Во име на народот!“.

СИЛАТА ПРЕД ДОБРИНАТА

И овој говор на Груевски е, пред сѐ, наменет за своето партиско членство и за поддржувачите, за да им се оправда на „170.000 членови на ДПМНЕ“ за сопствената политичка неконзистентност и за ширењето на пораката дека не е сѐ загубено, дека партијата не смее да се деморализира и дека работата, редот и дисциплината се сѐ уште најважните ариевски одлики кои треба да го красат вмровскиот Македонец, кој не смее да биде премногу љубопитен за вистинските состојби во државата. Всушност, во автократиите како оваа на Груевски, режимот не мора неопходно да покаже дека е добар, но секогаш мора да демонстрира дека е силен. Во истражувањата кои се занимаваат со проучувањето на пропагандата тоа се нарекува како моќ на „сигнализација“, а не на индоктринација. Поентата е, како што вели една неодамнешна студија од Универзитетот во Калифорнија, дека таквите режими мораат да ги уверат луѓето дека имаат моќ за вознемирување и за спроведување на насилство, а не за убедување по пат на ширење на некаква идеолошка содржина или демократска расправа за различни сфаќања на вредностите во општеството. Целта е заплашување, за да не му текне некому да почне да го предизвикува режимот. Тоа секојдневно го прави Путин, како што го прави и Ердоган, а во еден друг формат и интензитет тоа го прават и Кинезите, како што се обидува и нашиот Груевски. Затоа, на пример, кога еден тежок инцидент како оној во Куманово на секој нормален човек ќе му биде несфатливо дека може да го организира и спроведе самата држава, тоа за пресметаните и зли деспоти и за злосторничките опкружувања со кои тие владеат е само уште еден начин за нивелирање на количеството на страв во општеството чија задача е да ја парализира граѓанската храброст и да ја натера да калкулира колку ризикот за побуна против режимот може да се исплати. Сон на секој популист е општественото рацио да се замени со емоција, мозокот да се блокира за сметка на симпатијата, а акцијата против режимот да се „прелее“ во пасивност. На секој тиранин, кога ќе му згусти, примарно му е да ги подигне стравовите, а не надежите кај „народот“.

КАМЕНОТ ОД БЛИСКУ ДОАЃА

Но, и тоа кај Груевски има „опачина“ која го издава. Имено, бројот на телохранителите со кои беше опкружен дури и на прославата на сопствената партија – на некои од фотографиите од тој партиски митинг минатата недела можат да се избројат девет (со бројка: 9) бодигарди во таканаречениот „дијамантски прстен“, првиот круг на безбедност, околу него, а да не ги спомнувам снајперистите по околните згради – што говори дека или самиот лидер е преплашен до смрт за сопствената безбедност, па бодигардиве играат улога на бејбиситерки за да му ги сменат пелените пред да почне „да му се цеди низ ногавица“; или дека навистина постојат безбедносни проценки оти во партијата се готви заговор за негова ликвидација (Мијалков? Ставревски? Змејковски? Чавков? … Или Коце во соработка со баба Нада?), бидејќи „камењата секогаш од блиску доаѓаат“?!

Впрочем, уште една илустрација: како тоа, со децении, уште од времето на комунизмот, неколку десетици владејачки гарнитури се чувствувале безбедно во зградата на владата (бившата Це-Ка, денешната грдотија од „Белиот дворец“), а на Грујо му дојде до тоа да дига двометарска ограда за да се оддели од „народот“ што во последниот говор го спомнува 39 пати?! Или со крвчињата на врвот од шипките на таа метална бариера се штити од Натемаго, од Ѓаволот кој ја однел шегата и ќе си дојде по своето кај оној кој нему му ја продал душата?!

Тоа е истиот оној „упрпан“ Груевски кој уште пред повеќе години си изгласа специјален закон во Собранието дека државните бодигарди ќе го чуваат од сопствениот народ и многу години откако ќе падне од власт. Всушност, колку повеќе се обидува да шири страв во државата, за да го држи народот под јарем, на Груевски толку повеќе му расте паранојата за сопствената безбедност. Но, историјата на тираниите и деспотите покажала дека кога ќе ти дојде времето народот да ти каже „Доста е!“, нема телохранители што можат да те спасат од падот од узурпираната власт.

И, да не заборавам уште една социолошка забелешка: тој момент на „блиска средба“ со изборната волја на народот нема да се види во анкетите на јавното мислење со кои редовно го опслужуваат. Тоа доаѓа од никаде, без посебна најава. Јас мислам дека Груевски со право е преплашен од сопствениот народ.

Сашо Ордановски  

објавено во Слободен печат