Давидовиќ: Снимањето во судница е скандал и доказ дека МВР и Чавков ги кршат законите

0
1158

Ги снимаат демонстрантите, снимаат полициски акции, а сега влегоа и во судот да снимаат рочишта. Ова е скандалозно и е доказ дека МВР и министерот Митко Чавков не ги почитуваат законите и дека судот е на колена, вели за „Мета“ адвокатот Звонко Давидовиќ, запрашан за коментар за денешниот обид на тројца припадници на МВР да го снимаат рочиштетот од случајот „Фабрика за афери“.

Давидовиќ вели дека припадник на МВР не смее да внесе ни оружје во судот, а камоли камера и да снима.

– Се знае кој издава дозвола за снимање во судница, тоа е Врховниот суд, а се однесува на новинарите, снимателите и фоторепортерите. Припадници на МВР нема што да бараат во судница, а камоли да снимаат. За спроведвањето и обезбедувањето на обвинетите е задолжена затворската и судската полиција, кои се под надлежност на Министерството за правда, а не под МВР. Ова е скандалозно. Службеници на МВР може по барање на судот да го озбедуваат објектот надвор, но никаков внатре. Никој не може да дада дозвола на МВР да влезе и да снима во судница, ниту претседателот на судот, никој – вели Давидовиќ.

Адвокатот потенцира дека судските рочишта, според актуелниот Закон за кривична постапка, може тонски да се снимаат доколку за тоа има технички услови, инаку се водат стенограмски белешки.

Тој, додава дека ова особено иритира во систуација, кога припадници на МВР ги снимаат демонстрантите, снимките потоа ги користата како доказ што е незаконски.

Тројца припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска неовластено го снимаа  рочиштето за случајот „Фабрика за афери“ во кој првообвинет е Захир Беќири, познат по прекарот Чауш и предизвикаа скандал во судницата. Тие престанаа со снимањето, по жестоката реакција на судијката Гордана Спиревска, која им нареди да ги избришат снимките.

Извор: Мета