Г-дин Мицковски вие од ДПМНЕ го урнавте споменикот на Ќосето!

0
2076
Во последните денови доста емоции се излеаа низ медиумите за отстранувањето на споменикот на Андон Лазов-Ќосето.
Би го започнал моето писание со тоа кој всушност е Ќосето, но денеска живееме во ерата на интернетот и кој сака може да научи кој е Лазов, што правел и зошто се борел. Само би спомнал дека е роден во с. Голозинци, Велешко ипочинал во 1953 година во Горна Џумаја, денешен Благоевград во Бугарија.
Не мислам дека симболиката на стоењето со нож точно на Ќосето пред судската зграда е најразумната порака на Македонија во 2018 година. Начинот по кој ги решавал проблемите војводата и учесник во Илиденско-
Преображенското востание се одамна минато во Европа кон која сакаме да се приклучиме или можеби некој само имитира таква желба.

Но кој реално го урна неговиот споменик?

Повеќе од 10 години ДПМНЕ беше на власт, со години наред го раководеше градот Скопје и општина Центар. Тогаш зошто дозволиле да изградат дивоградба?

Ако навистина толку им е мил споменикот на Ќосето зошто не го направиле како што треба согласно законот?
Зарем не ви минува мислата дека овој момент е оставен апсолутно осознаен со јасна цел дека ќе се случи ова?
Не сум човек кој прифаќа деструктивен начин на мислење кој стимулира елементи на омраза и рушење. Уште помалку би сакал да гледам како поради емоции се земаат пребрзани решенија! Но како човек кој верува во правдата и правната држава не можам, а да не спомнам дека овој аршин за рушење на дивоградби би можел да се спроведе и за други моменти од архитектурата на градот Скопје. Ако локалната власт на чело со градоначалникот Шилегов не може да се сети за кои моменти станува збор, готов сум да елаборирам со факти.
Емоциите и демонстрирањето на силата на законот е момент кој одамна го очекуваме во нашето општество. Но и болката од непознавањето на историското минато и посткомунистичкиот период кон него не е најразумниот резултат.
Но каква е позицијата на реалните рушителите на споменикот од ДПМНЕ?
Се обидуваат пак да манипулираат и да си играат со емоциите на граѓаните. Требало господа да го изградите согласно законските прописи и денеска да имате аргумент за да се спротивставите.
Иако сум човек кој би сакал да види споменик не само на Ќосето, но и на други дејци на Организацијата, како да тргнам да заштитувам дивоградби и нарушување на законот? Затоа господине Мицковски наместо да демонстрирате сила и мускули во своето видео обраќање, вклучете ја мислата и стратегискиот начин на политичка игра, сепак сте професор и интелектуалец.
Апелирам до актуелната власт да не робува на емоции и да не предизвикува никому непотребна омраза. Решете го прашањето со разум и одговорност кон минатото. Дозволете ни барем на тие кои знаеме што значи ВМРО за нашата Македонија да можеме да се гордееме со Организацијата. Се надевам дека такви луѓе има и во вашите редови. Изгответе проект за поставување на споменикот на Андон Лазов-Ќосето во неговиот роден град Велес, власта е во ваши раце.
Ако господата од ДПМНЕ толку се загрижени за судбината на споменикот би можеле и тие да го изготват проектот а доколку не можат ние од ГДУ ќе го изготвиме и ќе ви го дадеме на располагање. Направете го согласно законските одредби и поставете го споменикот. Покажете дека сте поразлични и поодговорни кон нашето историско наследство. Инаку излегува дека работите ги правите на инает и со злоба. Ако не постапите така во моите очи ќе сте исти како Груевски и со тоа ќе разочарате и многу други луѓе.