Група родители од II одд. ОУ„Св. Климент Охридски “ Македонски Брод со отворено писмо до министерката за образование, Рената Дескоска

0
4735

Почитувана министерке,

ОУ„Св.Климент Охридски“ од Македонски Брод е единственото училиште на територијата на општината. Во својата историја тоа континуирано бележело свои и успеси и е позитивен пример за многу генерации кои поминале низ неговите клупи. Но, во изминативе неколку месеци тоа е лош пример за тоа како не треба да се менаџира јавна институција.

Македонската јавност го запозна од билтенот на МВР и некои интернет портали за непотизмот да директорот и неговото непочитување на законот за јавни набавки (кој треба да се докаже во правна процедура). Неговата надменост и моќ, која ја црпи од близината со градоначалникот и партиската функција во една политичка партија, беше прашање на време кога ќе ја истури врз своите неистомисленици во таа институција. Она од што ние како родители се плашевме се оствари со почетокот на новата учебна година.

Одделенскиот наставник на нашите деца „под казна е испратен“ во селско училиште иако има работен стаж од 35 години (а, неговата ќерка со 7 години стаж работи во истото училиште) само заради тоа што е од друга политичка партија. Истото се случило и со друга наставничка (мајка на три малолетни деца) испратена е да работи во селско училиште одалечено 30 км од кои 5 км треба да оди пеш низ планина, а нејзиниот грев е што е сопруга на вработен во МВР. Денес на првиот учебен ден нашите деца си ги бараа своите наставници.

Објаснувањата што ги добивме за нивната промена се смешни и неодржливи. До кога од расположението на еден човек ќе зависат судбините на наставниците? Има ли некаква процедура во училиштето за разместување на наставниците? Зошто тие со помал стаж остануваат во централното училиште, а тие со подолг стаж се праќаат по селата?

Но, тоа не е се! Со денешниот престој во училиштето и разговорот со дел од вработените дознавме и за тоа дека всушност училиштето е месен комитет на една политичка партија. На неистомислениците им се прават партиски анкети, училишните комбиња вршеле превоз на клубот на жени на една партија, а се знае дека политичкото организирање е забрането со закон. Исто така ни посочија дека актуелниот директор својот трет мандат го стекнал на незаконски начин бидејќи огласот бил распишан за време на распишани избори без согласност на антикорупциска комисија, а потоа ставен во мирување, за изборот да заврши после 7 (седум) месеци од распишувањето на огласот.

Почитуван министер, како родители се надеваме дека ќе ни излезете во пресрет и во согласност со вашите законски можности ги проверите посочените наводи за незаконско работење и нашите деца повторно ќе ги учат старите наставници.
Со благодарност,

Група родители од II одд. ОУ„Св. Климент Охридски “ Македонски Брод