Груевски ќе изгради ограда околу себеси за заштита од специјалниот обвинител

0
1221

gruevski5

Покрај оградата што се гради околу Владата, како и оградата која се планира да се изгради на границата со Грција, премиерот Никола Груевски најавува градба и на уште една ограда, овој пат околу самиот себеси.

– Ова ќе биде досега најголемата и најубавата ограда изградена во светот, нормално, ќе биде во барок, а не во класицизам како што ме советуваше Миле, и сметам дека ќе придонесе за зголемување на мојата безбедност како врховен водач на овој народ, а доаѓа како одговор на договорот од Пржино, односно на специјалниот обвинител. За изградба на оградата ќе потрошиме некаде од 50 до 127 милиони евра ама мислам дека тоа нема да биде проблем и народот ќе има разбирање за овој проект, кој, да се разбереме, не е желба, туку потреба. Доколку сакате да продолжам да остварувам и да го подобрувам животот на граѓаните морам на некаков начин да се заштитам себеси – рече Груевски.

Тој даде и појаснување на својот став за специјалниот обвинител.

– Да се разбереме, јас немам ништо против него. Тој треба чесно, непристрасно и независно да си ја изврши својата работа, но мојата задача е да бидам спремен за ако случајно направи грешка и тргне кон мене. Во тој случај, тука ќе биде оградата која ќе го спречи во тоа, а сигурен сум дека во меѓувреме и самиот ќе сфати што направил и ќе се покае – изјави Груевски.

(Текстот е објавен во првиот број на неделникот Коза ностра)