Груевски се пожали – поради „бомбите“ на Заев морал да ги откаже роуд-шоуата

0
863

Креираната политичка криза во изминатите месеци имаше свое влијание врз економијата. Ние се трудевме со сите сили тоа влијание да биде колку што е можно помалку, но неизбежно беше да има свое влијание, изјави денеска премиерот Никола Груевски, одговарајќи на прашање на пратеникот Влатко Ѓорчев.

Screenshot_1

– Некои од инвеститорите ги одложија своите одлуки па дури откако завршија одредени делови, некаде во јуни – јули, околу разговорите за надминување на кризата дури тогаш почнаа да ме информираат дека донеле одлуки за инвестирање во Македонија. Некои од нив се уште ги немаат донесено и работиме со нив, но некои веќе ги донесоа и ги објавија одлуките во јуни и во јули. Но, тоа можеше да биде во март, во февруари и ќе беше но поради состојбите одлучија да почекаат да видат што ќе се случи. Точно е и тоа дека безмалку сите роудшоуа во првата половина од годината ги одложивме, од причини што моравме да бидеме фокусирани на домашната креирана криза од страна на опозицијата и да се трудиме колку што е можно побрзо таа да биде надмината, рече Груевски.

Само едно или две претставувања на бизнис потенцијалите на Македонија, според премиерот, се одржале од почетокот на годината. Министрите задолжени за инвестиции одржувале состаноци и презентации, но и тие, како што рече премиерот, биле во една непријатност бидејќи секаде прво требало да ги објаснуваат домашните кризни состојби, а потоа да прејдат на економскиот дел и на предностите што Македонија ги нуди за странските инвеститори.

– Најголемите напори беа концентрирани таа криза да се надмине што е можно порано затоа што тоа, пак, ќе ни ослободи простор за привлекување инвеститори и ќе ни влее повеќе доверба во политичката стабилност во Република Македонија, рече Груевски, истакнувајќи дека продолжуваат напорите за привлекување странски инвестиции и во иднина, кои, сепак, давале сериозни резултати.