Груевски очајно ќе проба да се врати на власт

0
1520

Груевски пак ќе не “спасувал” од “душманите”

Секој ден станува се појасно дека пропагандниот тим на Груевски пред локалните избори се подготвува да излезе со нова кампања за ширење страв меѓу населението.

1. Ќе се шири стравот од Договорот со Бугарија со кој “Заев се откажал од посебноста на македонската нација, посебноста на македонскиот јазик и од македонското национално малцинство во Бугарија”.

2. Ќе се обвинува Заев за воведување “целосна двојазичност во Македонија со Законот за јазици и за создавање бинационална држава преку кршење на Уставот”.

3. Ќе се обвинува Заев дека “превзел обврска да насели 150 илјади бегалци од Сирија и ќе им даде станови работа и државјанство”.

4. Ќе се обвинува дека “со Грција се договара за смена на името”.

5. Нема да изостане и пропагандата на Спутник и на некои српски националистички кругови дека “160 илјади наоружани Албанци од Косово се подготвуваат да влезат во Македонија за потоа да се формира Голема Албанија”.

Се на се Груевски ќе продолжи со својата пропаганда на стравот, и ќе бара мандат за своите градоначалници и листи за да ја спасува Македонија од “националните предавници” кои формираа влада во Македонија.

Само тоа е причината што неговата парламентарна група бара интерпелација за министерката Мила Царовска со цел да се стави на медиумската агенда стравот од мигрантите и се бара интерпелација за министерот за надворешни работи за да се држи во центарот на вниманието опасноста од Бугарите Грците и Албанците.

Груевски и натаму верува дека локалните избори може да ги претвори во некаков референдум за спасување на Македонија од националните предавници кои ја освоиле власта и кои само заради “предавството на националните интереси ” ја имаат подршката од соседите од САД и од ЕУ.

Коалицијата на власт не треба да ја потцени моќта на таквата пропаганда на стравот иако таа не се покажа многу успешна во декември минатата година.

Но треба постојано да се разобличува, да се исмејува и да се нудат аргументи за нејзината неоснованост и бесмисленост.

Треба постојано да им се поставува прашањето на груевистите каква и чија национална програма стои зад таквата “патриотска” пропаганда на стравот во која тие се нудат за спасители од соседите од САД од ЕУ и од “домашните предавници”.

Долго време им успеваше лагата дека СДСМ им дозволил на 150 илјади Албанци од Косово да се населат во Македонија, им дал државјансво и со тоа ја променил етничката структура на населението.

Сега пак оперираат со бројката од 150 илјади Сиријци кои ќе се населеле во Македонија и 150 илјади наоружани Албанци што ќе влезеле од Косово. Наскоро треба да се очекува дека официјална Москва ќе ги потврди и ќе ги нарече оправдани сите нивни стравувања а неколку српски сајтови ќе понудат и информации од разузнавачките служби и фотографии како доказ за секое од тврдењата на уплашениот од затвор Груевски.

Фејсбук статус на проф. Ѓорѓи Спасов