Груевски не враќа во 2001

0
1224

Груевски знае дека со одржувањето на избори на 5 јуни, на кои нема да биде избран ниту претставник на албанските партии во идното собрание, се крши не само договорот од Пржино, туку и охридскиот Рамковен договор и Уставот, кој им гарантира еднаква застапеност на припадниците на етничките заедници во Македонија во политичките институции на земјата.

Конституирањето на еднонационален парламент во Македонија може да води кон поттикнување на барањата за федерализирање на Македонија, кон нови референдуми за „илирида“, кон барања за територијално разграничување по етничките линии и можеби кон нова војна.

И Груевски знае дека сега него ќе го молат да не ја внесува Македонија со такви постапки во уште подлабока криза. Тој е убеден дека со овие две глупости, како аболицијата и моноетнички избори, си ја подобрил својата позиција во преговарачкиот процес и дека добил доволно време за да ги брише трагите од криминалот што го има направено, да ги снемува сведоците за тој криминал и да ја парализира целосно активноста на Специјалното јавно обвинителство.

Истовремено, тој се надева дека последиците од секоја негова глупост, со помош на контролираниот и криминализиран пропаганден апарат во земјава, ќе може успешно да и’ ги припишува на опозицијата, која овој пат се здружила со „лошите Албанци“ за земјата да се вратела во состојбата од пред 2001 година, да се федерализира, да ослабне нејзината позиција во разговорите околу разликите за името со Грција и да се предизвика војна, само за тој да бил сменет од власт како што тоа му се случило на Љупчо Георгиевски.

Заради сето ова, прашање е дали на Груевски треба да му биде овозможено овие негови трикови да ги користи како инструменти за подобрување на неговата преговарачка позиција?

Можеби е најдобро сега Груевски да биде оставен да се вари во сопствената каша и да се соочи со штетите кои и’ ги прави на земјата со апсурдната аболиција и со учеството во изборна трка на еден коњ со две мулиња.
Провладиниот весник „Дневник“ веќе пишува, а тоа го потврди Груевски во изјава за Франс прес, дека откако ќе бидат одржани бесмислените избори на 5 јуни, за кои ќе бидат потрошени десетина милиони евра од буџетот, по првата седница на новиот состав околу 25 јуни ќе се распуштело новото собрание и ќе закажело нови избори во рок од 60 дена односно во септември или октомври. А ако Груевски до тогаш, и покрај губењето на препораката за започнување на разговори за членство во ЕУ и во НАТО, не добиел поволен договор, во разговорите кои ги продолжува, ќе формирал влада и ќе продолжел да преговара до постигнување на „договор за разрешување на кризата“.

За потрошените 10-ина милиони евра за непотребни избори, како и за потрошените 16 милиони евра за поништениот попис на населението, се надеваат дека веројатно пак никој нема да одговара.

Сето ова говори дека на Груевски не му доаѓа паметот. Него го нервира, но тој ја игнорира „Шарената револуција“, ги мрази протестите на Албанците и игра мајтап со меѓународните посредници. Истовремено, најбезобразно си го тера бизнисот и криминалот во земјава, најавува дека јавното претпријатие за производство на струја ќе гради рајски парк во општина Аеродром, за кој од сумата што секој од нас ја плаќа за струја ќе потрошел 15 милиони евра, а судството за сега им суди само на оние од Дива населба, на притворените студенти од „Шарената револуција“, на новинарот Зоран Божиновски и на некојси Чауш, кој фалсификувал, наводно, за потребите на Заев.

Со Груевски реално веќе не треба да се преговара затоа што во ништо не може да му се верува.
Извадок од колумната во Утрински објавен на фејсбук зидот од проф. Ѓорѓи Спасов