Груевски лично ги режира прилозите од сечењето ленти. Ги вика само камерите на Сител, Канал 5 и Алфа

0
1235

Веќе со денови тв гледачите на државната и трите провладини национални телевизии, Сител, Kанал 5 и Алфа, буквално се бомбардирани со тв прилози во вестите, од бесконечните сечења ленти на патчиња, игралишта, спортски сали, реновирање училишта, во кои главен актер е премиерот во  заминување Никола Груевски, во неговиот нов бран за оправање на паднатиот рејтинг од бомбите на опозицијата.

grujo123

На настаните низ државата, кабинетот на премиерот, според новинарски извори на Либертас, ги вика само државната и трите провладини телевизии, а од другите електронски и печатени медиуми кои не се под негова контрола, дал наредба, настаните да се кријат, најверојатно за да избегне непријатни прашања.

За тоа била известена и државната агенција МИА, која со години околу 9 наутро ги најавуваше пресовите на владата и на партиите и другите дневни настани. Но со почетокот на оваа кампања, премиерот дал наредба МИА повеќе да не најавува каде ќе биде во текот на денот, туку тоа да се прави пет минути пред негова прес конференција или најава на настан.

– Никогаш не ни било полесно но и помизерно во работата – открива за Либертас новинар од провладина телевизија.

Според него, се било изрежирано, новинарот само статирал на настанот, а и при правењето на прилогот во овие телевизии стасувал по меил лично од портпаролот на Груевски, текст кој треба да се објави и точни инструкции кое тонско парче од премиерот и кои изјави од луѓе треба да бидат пуштени во прилогот.

Нашиот колега вели дека режијата се одвивала уште на настанот. Ни го објасни неговото патешествие од покривање на настан со премиерот деновиве, низ државата.

– Пред да се вклучат камерите црвенокосата Билјана, главна од протоколот на премиерскиот кабинет, викна една женичка донесена претходно на настанот, на која претходно и кажал што да вика,  и откако им рече на камерманите да ги вклучат камерите, женичката отиде кон премиерот и почна д го гушка и да му вика „СИН НА МАЈКА“. Кога се вратив назад од настанот – тврди нашиот извор – по меил веќе стаса текст и инструкции кое тонско парче да го пуштам. Моја работа беше само да го исчитам текстот и според инструкциите да го склопам прилогот. Така функционираат и моите колеги, а и  од другите провладини телевизии во оваа кампања на премиерот низ државата – вели тој.

Како што открива, никогаш не било полесно но и помизерно чувството што е новинар, впрегнат во пропагандата изрежирана лично од премиерот, а контролирана од неговиот портпарол, Александар Георгиевски.

– Сега не се јавува Мартин Протуѓер како изминативе 9 години, туку инструкции стасуваат преку меилот на портпаролот на Груевски – вели нашиот колега, новинар во провладина телевизија.

– Не ги викаат другите медиуми заради „упадите“ на Саше Политико но и некои други колеги кои го изненадуваа со прашања кои тој не сака да му бидат поставувани, ни открива нашиот извор.

И локалните медиуми во местата каде што се одвиваат настаните не ги викаат, не им биле битни, на премиерот му било важно присутни да биле само камерите на Сител, Канал 5,  Алфа и државната МТВ.

Кампањата на Груевски во пресрет на реализација на договореното во Пржино, пред се изборот на специјалниот обвинител, очигледно е дека има единствена цел, да покаже дека тој и народот се заедно и дека преродбата на државата и отворањето се и сешто не запира, туку напротив, се засилува.

Во тоа, сопствениците на трите национални телевизии,  Сител, Канал 5 и Алфа, сесрдно како сиве овие 9 години, му помагаат ставајќи ги своите ресурси и телевизиските минути во вестите, целосно на располагање на Груевски.