Грешка во компасот

0
1115

или

Уметноста на нашето време (3)

8.

Многумина се, верувам, подготвени веднаш да го обвинат нашево Министерство за (не)култура за сите состојби во македонската култура и уметност. И тоа би било така, во некои најопшти рамки, како државен орган одговорен за состојбите во културата (но и во уметноста, според присвоените и од никого неоспорени „ингеренции“!). И јас безмалу автоматски би се приклучил кон обвинувањата, како што и сум правел до сега, но сепак со извесни задршки. Тие се навистина одговорни (читај: виновни) за многу нешта во современата македонска култура и уметност. Прво поради нивниот институционален и личен простотилак, незнаење, непрофесионалност, нестручност … неспособност да се носат со современите предизвици во културата. Особено во земја како Македонија. А нивната глупост и некомпетентност тие настојчиво си ги потврдуваат – јавно и недвосмислено – безмалу секој ден. Па така и деновиве, со нивното контра-соопштение на обвинувањата на некој од синдикатите во културата, како и реакцијата на обвинувањата за (не)условите во коишто работат луѓето во Македонската опера и балет.

Односно, нашево непрежалено Министерство лаички ги поистоветува условите за работа со платтите, со новите вработувања, па дури и со „… двојно зголемените средства за програмски содржини кои се издвојуваат за оваа национална установа …“, како да тоа се исти / идентични нешта. Глумците бараат тоалети и гримиорни, овие слепци велат ви дадовме плати и пари за програма! А можеле и да не им дадат, нели?

9.

Но, како и обично, на дилетантите им се поткраднува несвесна грешка, па откриваат и работи што инаку би ги премолчиле. На пример, се фалат дури и дека во нивната грижа за уметниците во МОБ се вбројуваат и „…поддржаните индивидуални проекти на вработените на МОБ кои членуваат во различни музички состави и остваруваат самостојни настапи …“! Ма немој. А тука всушност мислат на нивните пулени, на кои и на тој начин дополнително им плаќаат за поддршките и чувањето грб на тендерушата, а ги поистоветуваат со сите вработени. Демек, на сите им дават некакви бенефиции, што ли? А кој ги терал тоа да го прават, и зошто го правеле? Или и тоа била само уште една од многуте смислени форми уметниците да се држат во заложништвото на власта? И на тендерушата Канчевска Милевска???

А за какви тоа вложени „80 милиони денари за целосна обнова на објектот на институцијата кои се издвоија во последните години и кои опфаќаат променета сценска технологија и механика, санирана покривна конструкција и фасада, како и санитарни јазли, реновирани работни простории на вработените, гримиорните и канцеларискиот простор, фоајето, оркестарската школка, билетарницата и салата Империјал“ тртља истото Министерство кога луѓето внатре велат дека немаат елементарни услови за работа? Или можеби слепциве реновирале некој друг објект, а мислеле дека тоа е МОБ? Се разбира, некој (како што направи БИРН со „Скопје 2014“) треба да седне да ги направи сите есапи за тоа каде сѐ будаливе расфрлаа пари и да им го плесне (и) тоа в лице!

10.

Сето тоа, се разбира, се сосема погрешни гледања на Министерството за (не)култура на тековните состојби во македонската култура – кои пак воопшто, веќе со години, не се некаква тајна – и на нивната неспособност да го наштелуваат компасот кон релевантните прашања со коишто треба да се бави едно сериозно Министерство.

Но, сето тоа не одговара (докрај) на прашањето зошто навистина имаме ваква уметност каква што имаме? И ваква култура каква што имаме, односно – немаме? Делот на вината на Министерството е неспорен, можеби и голем, но тоа не може да биде единствено одговорно за сите оние илјадници наслови непотребни изданија финансирани низ годиниве, стотици тотално неинтересни, неинвентивни, да не речам срамни „изложби“ што се извртеа низ нашиве изложбени простори, оние десетици анахрони театарски претстави што веќе не би играле ни во последната театарска дупка во Европа … Тоа Министерство е делумно виновно што давало пари (и) за такви будалаштини, но дури и нивните остри цензорски ножици – што може да биде интересна идна тема – не можеле да сосечат баш сѐ квалитетно во државава!

Не е проблем само на Министерството за (не)култура очебијниот недостиг на квалитет во македонската култура и уметност односно нивната жед за квантитет и само квантитет. И пари, се разбира. Зашто, многу пати до сега било констатирано, годишните програми во културата во оваа земја просто тежат од квантитет и – неквалитет! А за тоа не може да биде виновно само и исклучиво Министерството за (не)култура.

Еднаш, кога тогаш, (и) македонскиот уметник ќе мора да ја прифати вината за ваквите состојби, барем во иста или слична мерка како и државните органи и/или институции. Зашто, и институциите се „вадат“ на лошата понуда, бидејќи и тие се свикнати да чекаат некој (уметникот) нешто да им нуди (производ), а тие „мериторно“ да избираат. Е, ама сега, односно веќе одамна, тие можат да избираат меѓу неквалитет и кич, меѓу лошо и шунд …

Пишува : Златко Теодосиевски, историчар на уметност и кустос

(преземено од Теодосиевски уметност)