Градоначалникот Наумоски денеска ги презентираше сработените проекти за 2 години од преземањето на функцијата : За две години ја раздолживме општина Ѓорче Петров и донесовме капитална инвестиција – нов Клинички центар

0
1123

Изминуваат две години откако сум градоначалник на општина Ѓорче Петров. Го трасиравме правиот пат и се движиме цврсто по него. Конечно, транспарентно и отчетно објаснуваме каде се трошат парите на граѓаните во нивен интерес.

Кога ја презедовме општинската администрација, затекнав долг од над половина милион евра. За кратко време, со домаќинско работење и без помош од централната власт, општината ја раздолживме целосно.

Како најголем успех ја издвојуваме најголемата капитална инвестиција во Република Северна Македонија -Клиничкиот центар кој ќе се гради на територијата на нашата локална самоуправа.

„Најголемата“капитална инвестиција која ја направи ДПМНЕ беше уништувањето на паркот во Ѓорче Петров со давање дозвола за изградба на голем трговски центар и општинска зграда, која за жал ни ја оставија заплеткана во правни лавиринти и хипотеки.

За само две години, успеавме да направиме неколку проекти за градинки. На пролет започнува градбата на најмодерната и најсовремената градинка во земјата, во Волково со капацитет од 175 деца, а правиме напори да ја прошириме и градинката „Детелника“ со капацитет од нови 70 места, за следната година.

За 12 години и 6 месеци власт на претходната администрација, во Ѓорче Петров не беше направена ниту една нова, а камоли проект за нова градинка.

За две години, успеавме да обезбедиме и ЈПП за квалитетно осветлување со нови ЛЕД светла чие поставување стартува деновиве. Ние сме прва скопска општина која интегрира систем на најмодерно улично осветлување.

Пола милион евра инвестиравме во колектор за атмосферска и фекална канализација во Ѓорче 2 – Дексион на ул.„Радушка“.

Почитувани,

Апсурдно е што во 21 век мора да се занимаваме со изградба на водовод. Очекуваме да биде пуштен новиот водовод во Никиштани.

Обезбедивме пари и досега реализиравме 30 км фекална канализација, дополнително преку Министерство за транспорт и врски обезбедивме нови 700.000 евра со што ќе ја комплетираме канализационата мрежа во Волково и Кисела Јабука.

Во ООУ „Јоаким Крчовски“ градиме нова училишна спортска сала. 60 години е старо ова училиште и ниту една власт не создала основни услови за подобрување на физичкото воспитување кај децата.

На почетокот на следната година стартуваме со изградба на спортска сала во подрачното училиште „Димитар Поп Георгиев -Беровски“ во Хром и доградба на истото со нови училници и замена на азбесниот кров на старото училиште. Го враќаме и Корзото во Ѓорче Петров. Интензивно се работи на завршување на првиот дел кој треба да биде готов до Нова година.

Почитувани претставници на медиумите,

Изминуваат две години од мандатот. Две години го штитиме зеленилото и дополнително обезбедивме нови 2.000 садници во општината. Со мораториумот за градба на згради и изработка на квалитетни урбанистички планови, го зголемуваме зеленилото и го креваме нивото на урбано живеење. Сите градби кои ќе следуваат во иднина ќе бидат согласно европските стандарди за хумано урбано живеење. Нема повеќе да дозволиме урбан хаос на сметка на квалитетот на урбаниот живот.

Во изминатите две години без дополнителни задолжувања рехабилитиравме и направивме 50-тина улици во општината. Паралелно, рехабилитиравме улици и во урбаниот дел.

За следната година најавуваме дека продолжуваме со исто темпо да работиме на идентичен развој на руралниот и урбаниот дел. Очекуваме да се завршат сите отпочнати проекти во неурбанизираниот дел на Ѓорче Петров. Напролет, да почнеме со изградба на фекална канализација во Орман, со колектор и пречистителна станица за отпадни води.

За напролет, исто така, очекуваме да започне и капиталната инвестиција – изградба на градинката и амбулантата во Дексион.

Ова е само дел од се она што јас, мојот тим и Советот за овие две години сме го сработеле.

Продолжуваме да ги решаваме долгодишните проблеми на жителите од овие населени места. На прав пат сме. Како и досега, ќе работиме одговорно за урбано и модерно Ѓорче.