ГОСПОДЕ БОЖЕ, ЦЕЛО СЕЛО И ПОЛА ГРАД СЕ КРЕНА НА ПРОТЕСТИ ПРОТИВ 4 ДЕЧИЊА СО ХЕНДИКЕП!!!

0
1205

Изненадена сум и искрено разочарана од реакциите на некои граѓани по повод отварањето на мал групен дом за деца со попреченост во с. Тимјаник, Неготино. Станува збор за дом каде ќе се сместат неколку деца кои на ниеден начин не претставуваат закана за локалните жители, ниту пак  ќе влијаат на секојдневито на граѓаните, вели министерката Мила Царовска.

-Овие деца, од кои за жал повеќето се неподвижни, се преместуваат како би имале похумани услови за живот и семејна атмосфера. Жално е што се уште постојат толку предрасуди, но токму против ваквите размислувања силно се бориме. Сакам да им порачам на сите кои се плашат или се загрижени дека нема никаква потреба за тоа. Децата во домот не се никаква опасност за нив или нивните деца, ќе бидат под 24 часовна грижа и нема да им го нарушуваат животот.

Се надевам дека ќе преовлада разумот и дека на крајот ќе имаме успешен процес на преселба на децата од институциите во малите домови“-пишува министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, по најавениот протест во ова село, каде таа треба да оди утре.

Дека во делови од Македонија односот кон луѓето со посебни потреби е под секое ниво, па и тоа на елементарна солидарност и воспитаност говори последниот „гест“ на жители на Тимјаник, Неготино кои протестирале против одлуката неколку деца со посебни потреби да бидат сместени во нивната околина.

Откако од Министерството за труд и социјална политика најавија дека утре, понеделник, три деца со посебни потреби од Специјалниот завод Демир Капија ќе бидат сместени во мал групен дом во Неготино, а потоа до крајот на месецот, четири деца од заводот ќе бидат сместени во мал групен дом и во село Тимјаник, дел од жителите организираа протест против оваа одлука, пренесе Фокус.

Стотина жители од селото, но и од Неготино, во петокот излегоа на протест и го блокираа патот Тимјаник – Дисан во траење од еден час, во знак на револт на одлуката на министерството. Нивните образложенија се дека немаат ништо против децата со попреченост, но наводно, приоритет им е да се отвори детска градинка во селото, наместо групни домови.

Исто така, коментираат дека објектот кој се наоѓа на среде село не е најпогоден за таква намена. Сепак, помеѓу револтираните селани, има и такви кои велат дека првично се плашат од децата кои ќе бидат доселени, и се загрижени за безбедноста на своите деца. Најавуваат уште протести во иднина. Предрасуди, страв од непознатото, но и отсуство на сочувство кон овие деца е генералниот впечаток од реакциите на жителите на Тимјаник.

-Нема никаква причина за страв, бидејќи, конкретно во Тимјаник треба да се доселат четири деца на возраст од 12 до 17 години, кои сега се сместени во заводот. Станува збор за деца кои не се агресивни и кои и во Тимјаник, во групниот дом ќе имаат 24 часовен надзор од стручни лица. Објектот во кој ќе бидат сместени е државен, имаме сознанија дека во минатото било планирано да се намени како дневен клуб за стари лица, но никогаш како таков не профункционирал. Значи, не било планирано истиот да се пренамени во детска градинка. Децата постојано ќе имаат придружба. Имаат интелектуална и комбинирана попреченост, значи дел од нив не можат да се движат и се во колички. Станува збор буквално за деца кои се безопасни и кои заслужуваат шанса за подобар живот – тврдат од министерството.