ГЕНЕРАЛОТ АНГЕЛОВ ПОЛОЖИ ЦВЕЌЕ И ЗАПАЛИ СВЕЌИ НА МЕСТОТО НА ЗАСЕДАТА ВО ВЕЈЦЕ КАДЕ ПРЕД 17 ГОДИНИ ЗАГИНАА 8 МАКЕДОНСКИ ПОЛИЦАЈЦИ

0
2412

Се сеќава ли уште некој на масакрот кај Вејце кога на 28 април 2001 година загинаа осумина македонски бранители. Или сеќавањето за нив со кнедла во грлото остана само за семејствата и пријателите на загинатите. На другите, луѓето задолжени за протокол, тоа денес им е само обврска за потсетување на политичарите да излезат и да постават свежо цвеќе на споменикот во Битола и во касарната Илинден во Скопје. И годинава само делегацијата на Достоинство со генералот Стојанче Ангелов беа кај Вејце и запалија свеќи.

И власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ и оваа на СДСМ не направија и не прават ништо да не се заборави овој датум, не се ни обидуваат да иницираат поставување некакво спомен обележје на падините на Шар Планина. Само неколку стотина метри подолу од ова место, има цела тврдина, споменик во чест на припадниците на УЧК, оние против кои загинатите бранители на Македонија се бореа во 2001 година.

Кај Вејце загинаа: Роберт Петковски (27) од Скопје, Бобан Трајковски (28) од Куманово, Игор Костески (26) од Скопје, Миле Јаневски (30) од Македонска Каменица, Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24), Кире Костадиновски (24) и Бошко Најдовски (24), сите од Битола.

17 години потоа, како и секоја година, на местото на заседата кога загинаа осумина Македонци, бранители, беше генералот Стојанче Ангелов со сопартијците од Достоинство Богослав Лескаровски и Славчо Трпески. Без државна делегација. Масакрот на патот меѓу Селце и Вејце на Попова Шапка, беше еден од најкрвавите и најбрутални настани од конфликтот во 2001 година.

Генералот Ангелов уште еднаш потсети дека државата мора подостоинствено да оддава почит на жртвите од конфликтот во 2001 година.

Нa 28 aприл 2001 година беа масакрирани осумтемина припадници на МВР и на АРМ меѓу селата Селце и Вејце. Денес е тажен ден за Македонија, за семејствата на загинатите припадници на вооружените сили на Македонија во војната 2001 година. Овие настани како да ги подзабораваме.

Семејствата и колегите на загинатите и натаму не можат да се помират со тоа дека дека државата сѐ уште молчи за вистината. И тогаш, веднаш по настанот, се обавија информации дека за маскрот кај Вејце виновна била воената команда која лесно можела да предвиди дека тука, во секое време е можна заседа. Нешто слично како и за масакрот кај Карпалак.

Тие бараат одговори од надлежните институции за тоа кој и зошто ја издал наредбата и кој стои зад грозоморниот масакр. Бранителите најпрво биле убиени, а потоа нивните тела биле и масакрирани.