Врховните судии одбиле да гласаат за предлозите на Вангеловски за блокада на СЈО

0
1475

Двата предлога на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски ставени на маса на денешното продолжение на општата седница на највисокиот суд, едниот да се прогласи дека бомбите со прислушуваните разговори не може да се користат како доказ во кривична постапка, а другиот  Специјалното обвинителство да се прогласи за неовластен орган да поднесува Барање за заштита на законитоста (БЗЗ), не прошле денеска на седницата. Врховните судии, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, одбиле да кренат рака и да гласаат „за“ по предлозите или т.н. реферати поднесени од Вангеловски.

Место да ги изгласаат предлозите на Вангеловски, се појавиле дилеми кај дел од врховните судии, зошто е потребата од прогласување на бомбите да не може да бидат користени како докази во постапките, кога веќе Основниот суд Скопје 1, а потоа и Апелациониот суд Скопје, ги прогласија за невалидни докази во постапките. Оттаму, кај дел од врховните судии се појавил сомнеж дека претседателот Вангеловски од лични причини го составил и го ставил на разгледување и гласање таквиот реферат, мотивиран, како што велат тие, од тоа што и тој се спомнува во прислушуваните разговори како договара некоја работа со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Други препознале текст напишан од обвинителството на Марко Зврлевски и од адвокатот на обвинетиот експремиер Никола Груевски, Никола Додевски кој е бранител и на останатите највисоки функционери од ВМРО-ДПМНЕ во постапките што ги води СЈО.

Никола Додевски беше подносителот на иницијативата до Основниот суд Скопје 1 бомбите да се прогласат како неважечки докази во постапките што се водат пред судовите.

Трети врховни судии кои присуствувале на денешната седница на Врховниот суд, пак, брифираат за САКАМ ДАКАЖАМ.МК дека расправата по двата реферата не ни почнала, бидејќи се освестиле во последен момент дел од нив дека и двете теми се многу осетливи, дека мора да бидат претпазливи што ќе изгласаат, бидејќи како што велат, тоа што ќе се изгласа сега на оваа општа седница, отсега натаму ќе биде судската пракса која ќе се применува.

Така, дел од врховните судии се поделиле и во однос на предлогот  на Вангеловски на СЈО да му се забрани да поднесува БЗЗ до Врховниот суд. Додека тој и дел од колегите се повикувале на тоа дека во Законот за кривична постапка јасно е наведено оти само Јавниот обвинител на РМ е овластен да поднесува БЗЗ до највисокиот суд, други сметаат дека тоа исто овластување со формирањето на Специјалното јавно обвинителство, со закон ѝ е дадено и на Специјалната обвинителка Катица Јанева за предметите што таа ги отвора и ги води.