Врие во МЖ Инфраструктура: Намалени платите на 90 вработени додека тие се борат со калта на пругите!

0
1297

Одлуката за ова намалување била донесена на последната седница на Управниот одбор на МЖИ, но ниту синдикатот ниту вработените не биле информирани, велат извори во претпријатието. Според новите решенија, на 90 од вкупно 360 вработени во МЖ Инфраструктура, и тоа на извршниот персонал на железницата, одговорен за одржување на пругите, платите им се намалени за 1.200 до 1.800 денари, со тоа што коефициентот е намален од 4,3 на 4,1 поен.

image_1438958671_78

Да биде иронијата поголема, оваа одлука за намалување на платите во Инфраструктура доаѓа во исто време со натчовечките напори со кои се соочени вработените во ова претпријатие поради поплавите во Тетовски. Денеска претпријатието соопшти дека по неколку часовен прекин на сообраќајот раасчистена е од обилни наноси на камења, земја, дрвја и кал, пругата Ѓорче Петров –Кичево, на неполни 2 километра пред Тетово.

„Со вонредни напори на механизацијата и екипите на ЈП МЖ Инфраструктура успешно го отсранија големиот нанос од камења, земја, дрвја и кал и сообраќајот повторно беше нормализиран, кој поради претпазливост се одвиваше намалена брзина од дозволеното“ – се вели во соопштението на јавното претпријатие.

Инаку, ова е второ намалување на платите во ова јавно претпријатие. На сличен начин беа скратени платите и пред две години, со објаснување дека тоа намалување ќе биде привремено, но наместо враќање на платите на поранешното ниво, вработените ги дочекал студен туш од уште едно намалување. Синдикатот, кој исто така е затекнат, засега молчи и не најавува никакви мерки, велат вработени во претпријатието.

Од Македонски железници Инфраструктура не успеавме да добиеме одговор за причините за повторното намалување на платите. Вработените велат дека во решенијата не било наведено образложение за кратењето, но познато е дека Инфраструктура е еден од десетте најголеми загубари во земјата. Според податоци објавени неодамна од Центарот за граѓански комуникации, загубата на МЖИ изнесува 7.813.562 денари за фискалната 2014 година, што е пораст од 20 отсто во однос на претходната година.

Извор : Кирилица