Вмровци, дајте друго дете, време е!

0
1424

Секој има право да се сомнева и да ги оспорува наводите во шокантното интервју на Слободан Богоевски на Телма. Пред сè засегнатите Никола Груевски и Сашо Мијалков, а уште повеќе Љубчо Георгиевски, обвинет дека го определил својот наследник по нарачка на контроверзниот грчки бизнисмен Димитрис Контоминас.

Секој има право да го оспорува и кредибилитетот на Богоевски, како сведок и инсајдер. Знаеме дека станува збор за поранешен разузнавач од висок калибар, човек што имал пристап до најмрачните тајни на македонската политика. Иако, во принцип, таквите луѓе не се шалабајзери и не зборуваат штогоде. Да било поинаку, немало човекот да биде повикан за сведок во Њујорк, за коруптивната афера „Маѓар телеком“.

Но, после ова пресвртно интервју, токму како и после оние аудиоснимки од кои со свои уши слушнавме како Груевски, Мијалков и Антонио Милошоски ги договараат деталите за преговорите за името, никој од ВМРО-ДПМНЕ и од нивната пропагандистичка багра веќе нема право никого да обвинува за „предавство за името“. Сами слушнавме кој се пазарел за името, а сега, после ова интервју на Богоевски, можеби стануваат појасни и мотивите за тоа пазарење.

Сепак, според мене, клучната порака од ова интервју е упатена до припадниците и до симпатизерите на ДПМНЕ – време е самите да се ослободат и од Груевски и од Мијалков. Не им личи на вмровците други да им ги колат „војводите“, кога тие традиционално самите тоа го прават најдобро.

Повторувам по којзнае кој пат, ерата на Груевски е завршена. И без оглед на исходот на претстојните парламентарни избори. Вмровци, дајте друго дете, дури не биде доцна!

Бранко Героски

Колумната е објавена на Плусинфо