(ВИДЕО) Tевдовски: Минималната плата ќе ја покачиме на најмалку 200 евра и ќе важи за сите

0
1150

Платите на многу работници во Македонија не ги покриваат ни неопходните трошоци за живот, а тоа е посебно забележливо овде во Штип  и веднаш да кажам – ние тоа ќе го промениме, рече Драган Тевдовски, претседател на Комисијата за економија и член на Извршниот одбор на СДСМ.

– Недозволиво е работничките и работниците во текстилната индустрија да работат по цел ден за екстремно ниски плати.
Сегашната утврдена минимална нето плата изнесува 10.080 денари, а 9.000 денари за текстилната и кожената индустрија, што е далеку од доволно за задоволување на животните трошоци. Ние ќе определиме минималната нето плата да изнесува 12.000 денари во 2017 година и да важи и за текстилната и кожената индустрија – рече Тевдовски.

За да нема отпуштања вработени, додаде тој, ќе се обезбеди Фонд за поддршка на животниот стандард за вработените во текстилната и кожената индустрија, којшто ќе покрие значаен дел од покачувањето на платата.

– Контролата за исплата на минималната плата, покрај Инспекторатот за труд, ќе ја врши и Управата за јавни приходи. Во следните години, висината на минималната плата ќе се прилагодува на порастот на просечната плата и трошоците на животот. Нашата цел е во 2019 година минималната плата да изнесува 15.000 денари, што ќе значи дека семејство со двајца работници ќе може да ги покрие најнеопходните трошошоци за живот.  СДСМ ќе ги заштити работниците во Македонија и ќе им обезбеди достоинствен живот – рече Тевдовски.