(ВИДЕО) Јаневиќ: Каква смисла имаат преговорите во Пржино по новото задолжување на власта?

0
1369

172Интегрален текст од прес конференцијата на портпаролот на ЛДП,Филип Јаневиќ:

Либерално-демократската партија е сериозно загрижена од темпото и нивото на задолженост на земјава, особено по официјализирањето на намерата на власта за издавање на нова еврообврзница од рекордни 650 милиони евра.

Овој чин на власта во заминување е погубен поради фактот што задолжувањето со еврообврзницата не е мотивирано заради продуктивна потрошувачка, туку од политички цели.

Затоа како конструктивна опозиција отворено и јавно го поставуваме прашањето –каква смисла имаат преговорите меѓу потписничките на Пржинскиот договор, за изнаоѓање на решение за политичката криза, кога власта под диктат на Никола Груевски се задолжува со нова еврообврзница за корупција на гласачкото тело.

Оваа власт, уште еднаш, без око да и трепне, не само сегашните туку и идните генерации ги втурнува во уште поголема беда и сиромаштија, со товар да ги плаќаат каматите од нејзините расипнички трошења.

Со ваквото задолжување, убедени сме дека Република Македонија критично се доближува до грчкото сценарио и затоа ги повикуваме Социјалдемократскиот сојуз, ДУИ и ДПА, да се повлечат од преговорите за излез од политичката криза, се додека Владата предводена од ДПМНЕ не ја поништи оваа срамна одлука за издавање на еврообврзница од 650 милиони евра. ЛДП не ја гледа смислата на продолжување на преговорите доколку на Груевски му остават на располагање 650 милони евра пред изборите што следуваат.

Нема фер избори во ситуација во која власта со позајмени пари сака да купува гласови. Во вакви услови уште еднаш се потврдува дека изборите кога и да се одржат, би биле безпредметни.

Граѓаните на Република Македонија не гласаа за вакви задолжувања. ДПМНЕ ако сака да се позајмува и да се расфрла со тие пари нека побара мандат за задолжувањата од македонските гласачи.

А Никола Груевски кога-тогаш ќе мора да даде отчет за трошењето на туѓи пари?

Во истовреме, апелираме и ги повикуваме сите субјекти кои имаат определена општествена одговорност, посветено и одговорно да се спротистават на овој процес, кој ќе ја втурне државата во уште подлабоки финансиски проблеми.