(ВИДЕО) Шилегов: Иванов да го дaде мандатот во уставниот рок

0
1208

Одговори на новинарски прашања,
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ
Скопје, 09.05.2017

Медиуми: Кога очекувате Иванов да ве повика и да ви го даде мандатот?

Шилегов: Очекуваме дека господинот Иванов ќе постапи согласно неговата уставна обврска и дека во уставниот рок ќе се заврши таа работа.

Медиуми: Кога истекува уставниот рок?

Шилегов: Соодветно на известувањето кое го има примено од претседателот на Собранието. Ден поскоро е ден подобро за Македонија.

Медиуми: Иванов многу пати знае да изненади, да претпоставиме дека тоа може да се случи и овој. Доколку тој не го додели мандатот, постои ли план Б односно план Ц бидејќи планот Б помина?

Шилегов: И во периодот кој помина и во периодот што претстои СДСМ секогаш ќе инсистира на добриот, демократски и мирен начин на трансфер на власт во Македонија. Нашите очекувања и нашата концентрација во овој момент се насочени, токму кон таквите дејствија.

Медиуми: Во дел од медиумите циркулираат имиња за новиот состав на Владата. Колку се точни овие информации и дали се почнати разговорите за формирање на новиот кабинет или станува збор за шпекулации?

Шилегов: Сите имиња кои се појавија во текот на вчерашниот ден се чиста шпекулација, досега не се разговарани персоналните решенија за соодветните ресори.

Медиуми: А распределбата на ресорите?

Шилегов: Пак велам, се што излезе во таа смисла е шпекулација. За нас е многу битно и тоа неколку пати го имаме повторено, Иванов согласно уставните обврски да го додели мандатот, па откако претседателот на СДСМ ќе се стекне со статус на мандатар, официјално да ги започне преговорите и разговорите за состав на нова реформска Влада.

Медиуми: Дали во партијата сте имале разговарано за евентуално намалување на министерствата или бројот на вице- премиерските места, во однос на намалување на трошоците?

Шилегов: Во Република Македонија е неопходно да се извршат сериозни реформски зафати во сите области, впрочем и она што како нас, до нас допира како глас за силниот притисок којшто поединци го вршат врз Врховните судии, во моментов, со цел да го променат мислењето и ставот во врска со прислушкуваните разговори само зборува колку длабоко треба да се оди во отстранувањето на девијациите којшто се појавија во општеството,. Така што попримарен е тој тип на размислувања, отколку бројот или бројноста на определените ресори. Во исто време ги охрабруваме врховните судии да опстојат на ставовите, бидејќи Македонија мора да расчисти со криминалот во политиката, доколку сака да биде современа и европска држава.

Медиуми: Дали останува отворена вратата за сите политички партии од Албанскиот блог во новата владина коалиција?

Шилегов: Сите политички субјекти којшто застанаа зад мандатот на господинот Заев како претседател на СДСМ, се поддржувачи на тој мандат и реков после доделувањето на мандатот ќе ги започнеме разговорите, па тогаш ќе знаеме кој од тие ќе го сочинуваат владиното мнозинство.

Медиуми: Како адвокат, како правник, очекувате дека Уставниот суд ќе постапи според Уставот?

Шилегов: Апелот којшто го има, да речам и од градоначалниците, и од ЗЕЛС, меѓутоа и од правната јавност е Уставниот суд да не се внесе во креирање на право, не е негово да креира право, односно да создава закони, туку да ги толкува законите. Прифаќањето евентуално на таквата иницијатива, всушност ќе значи дека Уставниот суд би донел измени на закон што не е негова уставна надлежност. Подобро е за Македонија, час поскоро да биде доделен мандатот, да биде формирана реформската Влада и да се оди со законски измени на Изборниот законик во однос на прашањето на мандатот на локалната самоуправа.

Медиуми: Утре ќе има иницијатива пред Уставен суд за Локалните избори, што очекувате од тоа?

Шилегов: Мислам дека баш околу тоа одговорив и сега. Работа е на Собранието да го измени Изборниот законик, колку побргу ќе биде доделен мандатот, толку побргу се формира Владата и ќе можеме да прејдеме во изработка, изготвување и донесување на законски текст за измени на Изборниот законик за одредбата на мандатот на градоначалниците.

Медиуми: Но, што очекувате, да им ги продолжи мандатите на градоначалниците, или да не им ги продолжи?

Шилегов: Мислам дека кажав, не е работа на Уставниот суд да носи закони, таквата одлука би значела носење на закон.