(ВИДЕО) Шилегов: Бараме итна собраниска седница, предлагаме конкретни мерки за помош на граѓаните

0
1052

Пратеничката група на СДСМ и опозицијата денеска го повика претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски да свика итна и неодложна седница на која ќе се расправа за состојбата во подрачјата погодени во поплавите. Пратеникот Петре Шилегов, рече дека неговата пратеничка група предлага конкретни мерки и заклучоци, со кои ќе им се помогне на граѓаните од поплавените подрачја.

Од СДСМ предлагаат Министерството за финансии да подготви прераспределба на средства со кои ќе се предвиди обештетување на семејствата на загинатите, загрозените семејства, како и за санирање на материјалните штети. СДСМ бара Владата да донесе одлука за обештетување на секое домаќинство кое е погодено од поплавите во износ од 3.000 евра, евакуација на населението од поплавените подрачја, со управувачкиот комитет да управува експерт и собраниската комисија за финансирање и буџет да врши контрола на сите финансиски и нефинансиски средства кои се донирани за да се спречи нивна злоупотреба за политички маркетиншки цели.

Опозицијата бара комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство да организира надзорна расправа за да се утврди одговорноста на институциите, поединците во организирањето и имплементирањето на системот на заштита и спасување и системот за управување со кризи.

– Мислам дека во рок од 24 часа секој може да одговори и затоа се надевам дека претседателот Вељаноски, во најкус можен рок ќе ја свика седницата на која ќе ги изгласаме овие мерки и заклучоци за да им помогнеме на граѓните – рече Шилегов.

Одговарајќи на новинарски прашања, Шилегов рече дека нивните екипи на терен забележале сериозни пропусти и во превенирањето и во организацијата на терен во поплавените подрачја, како и злоупотреба на хуманитарната помош.