(ВИДЕО) Шекеринска: За Груевски 16 милиони евра мито не се многу, ама 16.000 денари плата многу се

0
1375

Заменик претседателката на СДСМ, и носителка на кандидатска листа во ИЕ5, Радмила Шекеринска вчера се обрати на митингот на СДСМ и коалицијата пред граѓаните на Кичево.

– После 10 години владеење пишуваат „Почнуваме“. Замислете, тие почнуваат после 10 години. Е не. Сакаме да им испратиме порака на тие од власта. После 10 години не почнувате. После 10 години завршувате – рече Шекеринска.

Таа го претстави Планот за живот во Македонија кој, меѓудругото, се фокусира на зголемување на платите.

– Го чувме Груевски како вели дека 16 милиони евра мито за еден тендер, не биле многу, ама 16 илјади денари плата била многу. И од Груевски претерано е. Ќе обезбедиме со порастот на минималната плата, со 140 милиони евра кон домашните фирми, просечната плата во Македонија да порасне до 30 илјади денари – рече Шекеринска.

Таа ги повика граѓаните да го поддржат Планот за живот во Македонија гласајќи за бројот 4 на изборите на 11 декември.