(ВИДЕО) Тунтев: Загрозен статусот на Охрид во Унеско – ВМРО-ДПМНЕ бега од надзорна расправа

0
988

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ вчера, на собраниската Комисија за култура, гласаа против одржување на надзорна расправа за состојбата со природното и културното наследство на охридскиот регион. Повеќе од очигледно стана дека ВМРО ДПМНЕ бега од надзорна расправа со цел нивните функционери да не одговараат на поставените прашања, реагира пратеникот Томислав Тунтев.

„Тие сакаат да избегаат од одговорноста за тоа што поради нестручно, несовесно и неодговорно однесување на надлежните државни институции, Охрид е на чекор до губење на статусот на заштитено подрачје од УНЕСКО.

На последната седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, што се одржа во јули оваа година, за прв пат во официјален документ на светската организација е ставена забелешка со која охридскиот регион се соочува со опасност да биде впишан во листата на загрозени подрачја“, изјави Тунтев.

Опозицијата, како што вели  ќе ги искористи сите законски и деловнички права и можности за организирање на надзорната расправа во Собранието.

„Недозволиво е неодговорната и криминална власт и понатаму да си игра со нашето природно и културно наследство. Надлежните институции веднаш треба да ги стопираат и преиспитаат сите градежни проекти во националниот парк Галичица, кои ќе ги доведат во опасност природните реткости. Во забелешките од УНЕСКО се вели дека таквите проекти имаат значителни потенцијални негативни влијанија и претставуваат потенцијална опасност за исклучителната универзална вредност на природното наследство. Македонија има рок до 1 февруари 2017 год. да ги имплементира препораките и да ги отстрани забелешките дадени од Комитетот на УНЕСКО.
За оваа криминална власт интересни се само проектите кои носат дебели провизии. По 11 декември ова ќе се промени. Новата влада на СДСМ ќе се грижи за нашето природно и културното наследство“, вели Тунтев.