(ВИДЕО) Теута Арифи: ДУИ не исклучува правење влада со СДСМ

0
941

Потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, вели дека нејзината партија не исклучува варијанта во која новата влада би се формирала со СДСМ, нодека одлуката за тоа како ДУИ ќе постапи допрва треба да биде донесена. Таа е прв висок претставник на ДУИ што отворено зборува за ваква можност.

„Ние зборуваме за една новонастаната ситуација, новонастанати бројки на политичката сцена, за различни баланси сега и, од тој аспект, нормално и дека ДУИ сега нема да оди со главата во ѕид туку ќе ја прифати новата реалност и врз основа на таа нова реалност, ќе постапи најдобро што може за да го претстави тоа гласачко тело кое ја поддржа ДУИ“, рече Арифи во интервјуто за „360 Степени“ на ТВ Алсат-М.

Прашана зошто ДУИ се сеќава на принципите само кога треба да прави влада со СДСМ, Арифи одговори:

„Бидејќи, на крајот на краиштата, СДСМ врз основа на принципи ја доби оваа бројка на гласови кои ги има, затоа што јас секогаш сум уверена дека ставот врз принципите ви дава повеќе сила, отколку ставот врз која било друга привилегија.“

Арифи рече и дека по овие избори не може да се примени Мајскиот договор од 2007 година, според кој, владата ја сочинуваат партиите-победнички во двата етнички кампуса.

„Ние мислиме дека Мајскиот договор е коректен договор зад кој сме стоеле, ние сме го инсталирале, но во исто време непобитен факт е дека по овие избори ДУИ фактички не е единствениот претставник и не е претставник на волјата на албанското мнозинство. Затоа би било неправедно ако би направила некаква комбинација во име на волјата на албанското мнозинство со оглед на тоа дека има 10 мандати, но не претставува силна волја или мнозинство од над 51% на албанските гласачи“, рече Теута Арифи.