(ВИДЕО) Тевдовски: Почнуваме со 20 милиони евра државна помош за малите и средни претпријатија

0
975

Нашата цел е да ја победиме нееднаквоста во општеството и да ја вратиме средната класа! Државна поддршка за домашните претпријатија скоро и да не постои. Власта домашните претпријатија ги користи само за полнење на Буџетот преку даноци и казни, рече Драган Тевдовски, претседател на Комисијата за економија на СДСМ.

Нема инвестиции во енергетскиот сектор. Иако има услови за домашно производство на струја, граѓаните плаќаат скапа увезена струја.

Македонија заостана во регионот по лоша патна инфраструктура.

Субвенциите не се редовни и не се во функција на земјоделски развој.

tevd-685x320

Решени сме да го подигнеме третиот столб во Визијата за Македонија: РАЗВОЈ НА ДОМАШНИТЕ КАПАЦИТЕТИ И ПРИСТОЈНА РАБОТА. Тој обезбедува нов модел на економски развој во чијшто центар се домашните претпријатија и инвестициите во образованието, здравството и крупните инфраструктурни проекти. За да создаде можности за вработување на младите и хумани услови за работа.

Ние сметаме дека странските инвестиции се дополнување на домашните, а не нивна замена. Затоа, целиме кон нови странски инвестиции со грижа за постојните, но основата на економијата во Македонија ќе бидат домашните претпријатија.

Со цел да обезбедиме транспарентност за странските инвестиции ќе ги објавиме договорите за сите постоечки и идни инвестиции во ТИРЗ-овите!

Наша примарна цел е развојот на малите и средните претпријатија (МСП)! Еве некои примери:

1. Годишната државна поддршка за малите и средните претпријатија е во износ од 20 милиона евра во првата година (100 пати повеќе од просекот за време на актуелната власт). Планот е поддршката да достигне 50 милиони евра во последната година од мандатот. Овие средства се дополнети со надворешни кредитни линии, како на пример од ЕИБ.
2. Докапитализација на Македонската банка за поддршка на развојот со цел поголема кредитна поддршка и способност за реализација на гарантна шема.
3. Основање инвестициски фонд за вложување во старт ап и МСП со малцинско учество на државата, а повеќе од 51% да биде во сопственост на заинтересирани приватни субјекти.
4. Креирање старт ап центри во сите поголеми општини, во кои државата ќе обезбеди деловен простор за повеќе старт ап компании заедно со инфраструктура и заеднички служби (оддржување, архива, сметководство и сл.) коишто ќе бидат бесплатни за учесниците во центарот.
5. Можност за основање посебен вид трговско друштво со минимален износ на основна главнина од 1 евро. Овие трговски друштва ќе имаат определена ознака и ќе бидат видно одделени од останатите фирми за коишто ќе остане да важи сегашната регулатива. Секој што ке соработува со ваков тип на субјект ќе знае дека основачкиот капитал е 1 евро.
Во поглед на деловната клима, водиме политика на оттргнување на политичарите од економијата и економскиот живот. Обезбедуваме предвидливост на законите и ставиме крај на нестабилноста со постојано менување закони.

Инспекциските служби не се инструмент за репресија и политички притисоци.

Ги запираме огромните задолжувања на граѓаните со огромни извршителски трошоци и плафонските затезни камати. На оваа материја посебно обрнуваме внимание да ја уредиме како што најбезболно за граѓаните.

Благодарам за вниманието, во продолжение, од нашиот претседател на Комисијата за финансии, Кире Наумов, ќе слушнете за неколку други приоритети во економскиот дел и во споменатите области во Третиот столб од Визијата за Македонија.