(ВИДЕО) Тевдовски: Ги развиваме домашните фирми, нашиот план е добар живот во Македонија

0
1326

Изјава за медиуми,
Драган Тевдовски, член на Извршниот одбор и претседател на Комисијата за економија на СДСМ
Велес, 10.10.2016

Почитувани граѓани,

Денеска сме со граѓаните на Велес. Ја посетивме старата велешка чаршија и разговаравме со дуќанџиите, занаетчиите и со сопствениците на мали бизниси.

Тие досега беа заборавени од државата и служеа само за полнење на Буџетот преку даноци и казни.

Јакнењето и развојот на малите бизниси е приоритет во економскиот план на СДСМ.

Годишната државна поддршка за развојот на малите и средните претпријатија од сегашните 150 илјади евра ќе го подигнеме на 20 милиони евра, за до крајот на мандатот да изнесува 50 милиони евра годишно.

Овие средства ќе бидат надополнети со надворешни кредитни линии, како на пример таа од Европската инвестициона банка и ќе бидат доделувани во еден цел заокружен систем на поддршка кој ќе вклучува од поддршка за започнување на бизнис, поддршка за отворање на работно место, поддршка за полесен пристап до финансии, потоа создавање на мрежи и кластери, поврзување на домашни со странски претпријатија. Исто така ќе има поддршка за извоз и иновации и пренос на технологии од странство.

За домашните фирми да се развиваат ќе ја ослободиме бизнис климата. Фирмите нема да бидат изложени на политички притисоци и да бидат заплашувани со казни. Државата навреме ќе ги плаќа своите обврски кон претпријатијата, а промената на законите ќе биде предвидлива и во договор со бизнис секторот. Ќе ја намалиме фирмарината за претпријатијата коишто имаат помалку од 5 вработени.

Отворањето на нови бизниси ќе биде поддржано од државата. Во сите поголеми општини, државата ќе обезбеди деловен простор за повеќе новоосновани фирми бесплатно, каде што државата ќе им ги покрива и трошоците за одржување, архива, сметководство и слично. Заинтересираните граѓани ќе можат да основаат свое претпријатие и со 1 евро почетен капитал, но овие претпријатија ќе бидат видно обележани. А, за подобро да се штитат правата на малите бизниси ќе се воведе Кредитен правобранител, по урнек на земјите од Европската унија.

Нашиот план е да ги отвориме перспективите за малите и средните претпријатија!

Нашиот План е живот во Македонија и нашиот план е да заживее и оваа убава велешка чаршија.

dragan-tevdovski-slika-1 dragan-tevdovski-slika-2 dragan-tevdovski-slika-3 dragan-tevdovski-slika-4_mg_3941_mg_3913_mg_3936